Во Тирана вчера избувнаа жестоки немири во кои демонстрантите нападнаа владини згради, банки, продавници и други објекти. Насилствата траеја повеќе од осум часа и претставуваат нова ескалација на антивладините протести што со месеци се одржуваат во Албанија, објави „Асошијетед прес“.
Стотици демонстранти кршеа излози, палеа пожари и оштетија најмалку четири згради на министерства. Полицијата се обиде да ги растера со солзавец и со водени топови, по што дојде до жестоки судири. Во немирите се повредени 23 полицајци и уште шестмина други луѓе, а 35 демонстранти се приведени.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај го осуди насилството и повика на смирување на тензиите.
Протестите, кои продолжија втор ден по ред, ги организираа студентски групи што бараат реформи во образованието. Сепак, на нив се приклучија и поддржувачи на поширокото антивладино движење што се противи на градежен проект поврзан со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Движењето, познато како „Фламинго“, бара оставка од премиерот Еди Рама поради обвинувањата за масовна корупција. Името го доби по розовите фламинга што демонстрантите ги прикажуваат на своите транспаренти.
Делегацијата на Европската Унија во Албанија ги повика властите да не употребуваат прекумерна сила, откако организаторите на протестите ја обвинија полицијата за насилство врз демонстрантите и новинарите.
„Загрижени сме поради ескалацијата на насилството на протестот во Тирана. Слободата на собирање и изразување се основни права и темелни европски вредности“, соопшти Делегацијата на ЕУ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата