Кога има концерти во низа обично публиката знае да искоментира дека едниот бил подобар од другиот, на едниот пејачот повеќе се дал на сцената, на другиот бил изморен и слично... Е ама кога главниот јунак на сцената е црногорскиот кантавтор Сергеј Ќетковиќ, тогаш нема што е подобро - „мртва трка“ е што е најдобро.
Две вечери Скопје пулсираше во ритамот на хитовите на Ќетковиќ, а Филхармонија беше претесна да ги собере оние кои дојдоа да уживаат во најубавите песни на „џинот“ со нежно срце.

Уште по првата песна откако кусо искоментира „ме видовте во одело, го облеков за да ве испочитувам вас, да ја испочитувам оваа сала, а сега да се забавуваме“... И тоа и се случи. Музика, шеги, комуникација со публиката... На моменти се фотографираше со фановите, слезе од сцената, пееше во дует со нив, канеше парови да играат крај него на сцената...

Два и пол часа со Сергеј и неговите песни беа премалку и поминаа дур трепнеш, а тој два пати едно по друго покажа зошто е на естрадниот врв со години. И се вели „трета среќа“, а таа, благодарение на екипата од Евентум, е веќе закажана и тоа во Охрид. Сергеј на 3 август ќе гостува во Античкиот театар во Охрид, што е одлична можност за нова доза на црногорска романтика во магичниот амбиент на еден од најуникатните локалитети во градот под Самоиловите тврдини.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата