Британскиот рок музичар Пол Марио Деј, најпознат како прв пејач на бендот Iron Maiden, почина на 69-годишна возраст.
Деј стана дел од Iron Maiden во декември 1975 година.
Веста за неговата смрт ја потврди неговото семејство, наведувајќи дека починал мирно во својот дом во Австралија. Иако официјалната причина за смртта не е соопштена, познато е дека Деј во последните години се борел со рак.
Емотивни збогувања од колеги музичари
Бендот More, со кој Деј исто така соработуваше, му се прости со трогателна објава на социјалните мрежи:
Длабоко сме погодени од веста за смртта на одличниот пејач на More, Пол Марио Деј. Тој беше важен дел од движењето NWOBHM (New Wave of British Heavy Metal), од раните денови со Iron Maiden па сѐ до неговите извонредни вокални изведби на албумот Warhead. Остави силен белег на британската рок сцена и настапи на незаборавни концерти, како Monsters of Rock во 1981 година во Донингтон, заедно со AC/DC, Whitesnake (Дејвид Ковердејл), како и на турнеи со Iron Maiden, Def Leppard и многу други.
Кратко време во Iron Maiden, но засекогаш дел од историјата
Пол Марио Деј станал член на Iron Maiden во декември 1975 година, на само 19 години. Го поканил основачот и басист Стив Харис, а Деј стана првиот официјален пејач на групата. Со бендот настапуваше десетина месеци, но често го критикуваа дека нема доволно енергија и харизма за настапи во живо.
Во интервју од 2019 година, се потсети на тие денови:
Во тоа време, Iron Maiden беше сосема нов бенд кој настапуваше по пабови со малку публика. Бевме анонимни и се боревме да создадеме добра музика.
Првиот настап со бендот го имал во мај 1976 година во Лондон. Наскоро бил заменет од Дeнис Вилкок, а потоа и од Пол Ди’Ано, кој ги отпеа првите два албума на Iron Maiden. Најпознатиот пејач на групата, Брус Дикинсон, ѝ се приклучил нешто подоцна и стана заштитно лице на бендот.
Спор околу песната „Strange World“
Деј тврдел дека е коавтор на песната „Strange World“ од дебитантскиот албум на Iron Maiden од 1980 година, но никогаш не бил официјално потпишан.
Тоа беше првата песна што ја напишав. Заврши на албум кој одлично се продаваше, а никој не знае дека јас стоев зад неа.
Деј додал дека тој спор за него е веќе минато.
Кариера по Iron Maiden
По заминувањето од Iron Maiden, Пол Марио Деј во 1980 ја оформи групата More, со која веќе наредната година го издаде албумот Warhead. Во периодот 1983–1984 беше и фронтмен на Wildfire, а најголем успех доживеа во 1985 година кога се приклучи на обновената поставa на глам-рок бендот Sweet.
Гитаристот Енди Скот, кој со тапанарот Мик Тејкер ја формираше новата поставa на Sweet, се прости од Деј со зборовите:
Кога Пол дојде на аудиција, знаевме дека не мора да бараме повеќе. Тој беше вистинскиот човек за таа улога.
Тој истакна дека сочувствува со сопругата Сесили, семејството и сите блиски.
Мирен живот во Австралија
Во текот на 1980-тите, Деј се пресели во Австралија, каде што го помина остатокот од својот живот. Иако беше само краток период дел од Iron Maiden, неговиот принос за раните денови на бендот и британската рок и метал сцена засекогаш ќе остане дел од историјата.
Извор: Danas.rs
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата