Рене Реџепи го напушти престижниот ресторан „Нома“, по лавината обвинувања од поранешни вработени дека ги малтретирал, физички ги напаѓал и создавал токсична работна средина во кујната.
„По повеќе од две децении градење и водење на овој ресторан, решив да се повлечам и да им дозволам на нашите извонредни лидери да го водат ресторанот во неговото следно поглавје“, кажа Реџепи.
Поранешни вработени го обвинија готвачот за создавање токсична работна средина, вклучувајќи вербално и физичко злоставување.
Нома требаше да отвори 16-неделен поп-ап ресторан во Лос Анџелес, со мени од 1.500 долари по гостин. Резервациите биле распродадени за само три минути. Но, по низата обвинувања до Реџепи за злоупотреба, повеќето корпоративни спонзори ја откажаа поддршката.
„Извинувањето не е доволно, јас ја преземам одговорноста за моите постапки. За секој што се прашува што значи ова за ресторанот, дозволете ми јасно да кажам: тимот на ‘Нома‘ денес е посилен и поинспиративен од кога било. Отворени сме 23 години и неверојатно сум горд на нашите луѓе, нашата креативност и на насоката во која се движи ‘Нома‘“, кажа Реџепи.
Тој додаде дека тимот ќе продолжи со својата работа во Лос Анџелес без него.
Реџепи (48) е роден во Копенхаген и има потекло од тетовското село Џепчиште. Од отворањето во 2003, „Нома“ беше прогласуван за најдобар ресторан на светот во 2010, 2011, 2012, 2014 и во 2021 година и стана поим за меѓународна луксузна кујна, во кој мени чини околу 500 евра.
Реџепи го основаше ресторанот Нома во Копенхаген во 2003 година и беше главен готвач. Ресторанот има три Мишелин ѕвездички и пет титули најдобар ресторан во светот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата