Онаму каде што го започнаа своето возобновено музичко патешествие кон крајот на минатата 2025 година со нивното ново првенче „Каде ти, таму јас“, македонскот поп рок дуо „Коктел“ сега продолжува со нова песна.
Стевче Грозданов и Блаже Темелков, добро познатите музички имиња на македонската музичка јавност својот камбек одново го зачинија со тема која јасно го детерминира нивниот стил. „Само ти“ е уште едно спакувано поп рок бонбонче во нивната новотворена музичка бонбониера.
Задржувајќи ја истата линија на стилот кој решиле да го негуваат или поточно продолжат уште откако започнаа пред 30 години, „Коктел“ и натаму ја покажуваат својата музичка автентичност на свој сопствен начин по рецептура која отсекогаш била едеиница мерка за успех: хитовски ориентирана песна, со едноставен ритам, лесно певлив рефрен кој на прва влага в уши и виртоузна гитарска бравура.
Поп рок парче, налик на оние стари добри екс - ЈУ хитови кои повозрасните ги потсетуваат на нивнита најубави младешки години. Без тјуниран вокал, без вештачки фајлови, набилдан ритам, купишта синтетизирани звуци... Само чиста, природна енергија, со соло вовед, искрен, емотивен текст отпеан од суптилниот вокал на Блаже и гитара која плаче, вреска и реже под прстите на Стевче. Доволно ретро за да биде повеќе од модерно!
Песната е визуелизирана со едноставно, но симпатично видео кое делува мошне искрено и на моменти толку романтично, особено ако се знае дека во него е за прв пат заедно, но само во музички видеоспот, најпознатата македонска модно-брачна двојка, Светлана и Мики Црнокрак.
Приказна која дава дополнителна убавина дека вистинската љубов може да трае и да биде вечна, без оглед на јавната професија и популарноста на обајцата сопружници.
Музиката и стиховите се авторско дело на пејачот Блаже Темелков, аранжманот на Стевче Грозданов, кој го потпишува и видеоспотот, додека миксот и мастерингот ги изработил Горан Гешовски.
Како изгледа и звучи „Само ти“, слушнете и погледнете од видеото што следи...
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата