Добитничката на Оскар, Кејт Винслет, дебитираше како режисерка со филмот „Goodbye June“, драма за семејство кое се соочува со загуба, сместена во празничниот период. Винслет, која исто така глуми во филмот, го режирала според сценариото на нејзиниот син Џо Андерс. Приказната е делумно инспирирана од нивното лично искуство со загубата на мајката на Винслет, а баба на Андерс, која почина во 2017 година од карцином.
„Само сакав да снимам филм кој е автентичен и вистински“, изјави Винслет на премиерата на филмот, заедно со Андерс и актерската екипа во Лондон во средата. Потоа додаде:
„Исто така, не сакав да снимам приказна за некого што умира, затоа што тоа всушност не е случај. Станува збор за животот што им е даден на луѓето кои останале“, рече таа.
Винслет изјави дека сакала во центарот на филмот да ја стави британската Национална здравствена служба бидејќи е „многу потценета“.
„Мораме да им оддадеме признание и чест на луѓето кои ја работат таа неверојатна работа, особено нашите здравствени работници во палијативната нега“, додаде.
Андерсон вели дека филмот е „чиста фикција“, но смета дека емоционално произлегува од заминувањето на неговата баба.
Андерс, чиј татко е филмскиот автор Сем Мендес, го напишал сценариото кога имал 19 години и ѝ го покажал на Винслет.
„Дури не знаев ни дали можам да напишам сценарио. Само сакав да дадам се од себе. А фактот дека сценариото се претвори во филм е целосно лудо“, рече Андерс, кој сега има 21 година.
Винслет, која има три деца, изјави дека со години размислувала да застане зад камерата, но имала премногу обврски околу нивното одгледување.
„Едноставно немаше простор за тоа во мојот живот – ниту емотивно, ниту енергетски. Но ова се чинеше како вистинскиот момент и навистина се чувствував подготвена“, рече таа.
Покрај Винслет, во филмот играат и Хелен Мирен, Тимоти Спол, Џони Флин, Андреа Рајзборо и Тони Колет.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата