Гувернерот на Истанбул мобилизираше тимови од експерти за заштита на животни, полиција и специјализирани воени единици, откако животното наводно било идентификувано како лавица. Беа објавени дури и две видеа на кои се гледа како животното се движи низ елитната истанбулска населба Ускумрукој.
На жителите им беше препорачано да останат во своите домови, а властите го ограничија пристапот до шумата, која зафаќа површина од 54 квадратни километри северно од Истанбул. Сепак, доцна синоќа, властите го променија своето првично тврдење, наведувајќи дека анализата на новите снимки покажала оти животното „не е ниту лав, ниту каков било друг вид на голема мачка“, пренесува „Асошиејтед прес“.
Граѓаните се збунети
„Областа беше пребарана од воздух со помош на дрон опремен со термални камери, како и на терен од страна на нашите тимови. Беа поставени и мамки, како и камери со сензори за движење. Пребарувањето на теренот не донесе никакви конкретни докази за присуство на лав во тој дел“, се вели во соопштението.
Овој ненадеен пресврт ги збуни многу граѓани, кои сега се прашуваат кое животно властите можеле да го помешаат со лавица. Некои претпоставуваат дека станува збор за големо куче, додека други на социјалните мрежи иронично објавуваат снимки од домашни мачки, прашувајќи дали можеби тоа е „лавицата“ што се барала.
Дури и по соопштението од канцеларијата на гувернерот, некои медиуми објавија уште едно видео на кое се гледа животно како излегува од грмушките, прашувајќи ги читателите дали, всушност, би можело да станува збор за лав.
Извор: Индекс.хр
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата