logo
logo
logo

Вашингтон го предупреди Брисел да не ја ограничува набавката на американско оружје

Vecer | 21.02.2026

Вашингтон го предупреди Брисел да не ја ограничува набавката на американско оружје

Пентагон изрази противење на каква било европска иницијатива за ограничување на пристапот до европскиот пазар за американската одбранбена индустрија, предупредувајќи дека таков потег би предизвикал слични мерки од Вашингтон. 

Забелешките, според „Политико“, се вклучени во меморандумот поднесен како дел од јавната консултација од страна на Европската комисија претходно овој месец, откако извршната власт на ЕУ побара повратни информации од владите и претставниците на одбранбената индустрија за европските правила за набавка на оружје.

- САД остро се спротивставуваат на какви било промени на Директивата што би ја ограничиле можноста на американската индустрија да поддржува или на друг начин да учествува во националната одбранбена набавка на земјите-членки на ЕУ, предупредува американската администрација пред планираната промена на закондоавството за одбранбени набавки на ЕУ.

Претходно, и заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, за време на состанок зад затворени врати во декември, остро ги критикувал европските сојузници во НАТО затоа што им даваат приоритет на сопствените одбранбени индустрии пред американските добавувачи на оружје. 

Во последните години, Европската комисија се стреми да го зголеми уделот на Европа во договорите за јавни набавки на ЕУ. Со децении, Европа во голема мера се потпираше на американската воена опрема, од ловци Ф-35 Лајтнинг II до ракетни системи М142 ХИМАРС и противвоздушни ракети МИМ-104 Патриот, а речиси две третини од увезените системи за оружје на ЕУ доаѓаат од САД, пишува „Политико“.

ЕУ веќе им дава предност на европските компании преку програми како што се SAFE од 150 милијарди евра и опциите за купување оружје што Украина може да ги искористи од неодамна договорениот заем од 90 милијарди евра за Киев. Парите од ЕУ можат да се користат за купување воена опрема само ако најмалку 65 проценти од вредноста на опремата доаѓа од Европа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk