Тајланд во петокот предупреди дека ескалацијата на конфликтот со Камбоџа може да доведе до отворена војна меѓу двете држави, додека десетици илјади луѓе ја напуштаат својата област во страв.
Во четвртокот, камбоџанските и тајландските сили започнаа со престрелки во близина на стариот, спорен храм Прасат Та Муен Том. Првичната размена со лесно оружје брзо премина во тешки артилериски и ракетни напади, воздушни удари, како и движење на тенкови и оклопни возила. Обидите за мир засега не носат резултати, а властите од двете страни предупредуваат дека ситуацијата може дополнително да се влоши.
Ситуацијата се заостри и може да прерасне во војна. Засега се работи за судири со тешко оружје.

Тајланд во петокот делумно прогласи воена состојба во граничните области, подготвувајќи се за понатамошна ескалација. Министерството за здравство соопшти дека над 131.000 лица биле евакуирани од пограничните региони.
Соединетите Американски Држави, како долгогодишен сојузник на Тајланд, апелираат за итен прекин на насилствата.
Бараме веднаш да прекинат нападите, да се заштитат цивилите и конфликтот да се реши со мирен дијалог.
Двете страни во четвртокот беа блиску до примирје. Камбоџанскиот премиер Хун Манет тврдеше дека Тајланд прифатил прекин на огнот по посредување од малезискиот премиер Анвар Ибрахим, но набрзо нивната позиција беше променета.
Клучот за надминување на сегашниот вооружен конфликт е искрената волја на Тајланд да прифати примирје, што е првиот чекор за решавање на проблемот меѓу двете држави.
Конфликтот ја стави Кина во необична позиција, бидејќи претставува најголем трговски партнер и голем снабдувач со оружје за двете држави. Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави дека Кина останува неутрална, нарекувајќи ја ситуацијата „загрижувачка и тешка“. Воедно, ја обвини западната колонијална историја за коренот на спорот.
Ескалацијата од страна на Камбоџа ги зачуди меѓународните набљудувачи. Тајланд е релативно побогата држава, додека Камбоџа ја има најслабата индустриска основа во регионот. Тајландската авијација брои стотици авиони, меѓу кои борбени F-16, додека Камбоџа располага со помалку од дваесет постари советски и кинески летала, и практично нема борбена авијација.
Тајланд е трипати поголем по територија и четирипати поголем по број на жители од Камбоџа. Армијата на Тајланд е речиси петпати побројна, морнарицата шестпати поголема, а воената опременост неспоредлива. Тајланд користи над 400 борбени тенкови и околу 1.200 оклопни транспортери, додека Камбоџа има околу 200 значително постари тенкови, според Reuters. Тајланд има и над шест пати повеќе артилериски орудија од Камбоџа.
Снимките на борби на социјалните медиуми ја откриваат слабата организација на кралската камбоџанска армија, која многу заостанува зад тактиките на дисциплинираните руски или украински сили. Видеата покажуваат камбоџански војници во цивилна облека како пукаат на слепо кон тајландските позиции, а нивните ракетни артилериски напади почнуваат од населени места и улици преполни со цивили.
Камбоџанскиот претседател Хун Сен направи голем гаф кога на социјалните мрежи објави фотографии од брифинг со воени лидери, несвесно обелоденувајќи класифицирани воени карти со позициите на Камбоџа. Фотографиите брзо беа избришани.
Последната ескалација почна во февруари, кога група камбоџански туристи беше однесена на храмот Прасат Та Муен Том – локација која ја бараат обете страни – и таму ја испеа камбоџанската химна, според анализа на Натан Рузер од Австралискиот институт за стратешка политика. Тензиите поттикнаа разместување на војска од двете страни покрај границата. Првите истрели беа разменети во мај, што резултираше со дополнително засилување на военото присуство. Само во четвртокот, пет тајландски војници беа повредени откако еден од нив нагази на камбоџанска мина, што беше искрата за тековниот конфликт.
Од февруари, анализата на Рузер пресмета 33 случаи на ескалација иницирани од Камбоџа, 14 од Тајланд и 9 заеднички настани за деескалација.
Од почетокот на овој месец, граничниот конфликт доведе до суспензија на тајландската премиерка Паетонгтарн Шинаватра од страна на Уставниот суд, по протечен телефонски повик со кој навидум се покажала подредена на камбоџанскиот премиер.
Граничните спорови меѓу Тајланд и Камбоџа потекнуваат од договор уште во времето на Француската Империја и Кралството Сијам од почетокот на XX век. Последниот поголем конфликт беше од 2008 до 2011 година, кога загинаа 40 луѓе. Во сегашната ескалација досега има најмалку 15 потврдени жртви, а реалната бројка најверојатно е многу поголема.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата