Општинска советничка во Швајцарија се соочува со обвинение за „нарушување на верската слобода“ откако на социјалните мрежи објави видео на кое се гледа како пука со пиштол во слика од Дева Марија и новородениот Исус.
Санија Амети, членка на градскиот совет на Цирих, испукала повеќе куршуми со спортски пиштол во постер кој рекламирал аукција на слика од Томазо дел Маца од 14 век насловена „Мадона со дете и архангел Михаил“.
Видеото го сподели на социјалните мрежи во септември, што предизвика бурни реакции во јавноста и ја натера да го избрише објавата и да побара полициска заштита.
Сега, оваа прогресивна политичарка се соочува со кривична пријава според швајцарскиот кривичен закон, каде што нејзините постапки се сметаат за „напад на верската слобода и слободата на богослужба“.

Според член 261 од Кривичниот законик на Швајцарија: „Секој што јавно и со намера ги навредува или потсмева религиските убедувања на други, особено верата во Бога, или со намера ги осквернува предметите на религиозно почитување, или го попречува, нарушува или јавно се потсмева со верски обреди чие спроведување е загарантирано со Уставот, подлежи на парична казна.“
За своите постапки, Амети се соочува со парична казна од 12.500 швајцарски франци, што е околу 15.600 американски долари.
Поранешна претставничка на Зелените либерали на Цирих, Амети се повлече од партијата по скандалот.
Таа е и високо позиционирана членка на организацијата Operation Libero – прогресивно-либерално здружение кое се залага за „отворено општество“, слободно движење во и кон Швајцарија и поддршка на мултикултурализмот.
Санија Амети е родена во муслиманско семејство во поранешна Југославија. Во 1995 година како дете пристигнала во Швајцарија и подоцна добила швајцарско државјанство.
Во поранешни интервјуа, Амети истакна дека ја цени исламската традиција во која пораснала, но сепак се идентификува како атеист.
Таа неколку пати се има извинието за осквернувањето на сликата на Исус, објаснувајќи дека го избрала постерот единствено затоа што бил доволно голем за вежбање на гаѓање.
Епископот Јозеф Бонемајн од Кур, Швајцарија, изјави дека Амети му напишала писмо во кое изразила жалење.
Претставникот на Католичката црква сподели дека ја простува и ги повика другите католици да постапат исто.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата