Вели дека официјален Техеран се согласил на условите за откажување од амбициите за нуклеарно оружје, но смета дека мора да седнат на преговарачката маса со некаков договор. Најави и можно продолжување на двонеделното примирје доколку тоа е потребно, како и дека би присуствувал на евентуално потпишување на договор со Иран во Пакистан.
-Би одел во Пакистан. Пакистан беше одличен. Можеби ќе одам, да. –Кога ќе одите? –Доколку договорот се потпише во Исламабад, можеби ќе одам. Фелдмаршалот беше одличен, премиерот на Пакистан беше одличен. Можеби ќе одам, тие ме сакаат,- Доналд Трамп – Претседател на САД.
Во меѓувреме се постигна и договор за 10-дневен прекин на воените дејствија помеѓу Израел и Либан, што од страна на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е оценето како „историска“ можност за мир. На почитување на овој привремен прекин се согласи и Хезболах, под услов прекинот на огнот да вклучува целосен прекин на нападите врз Либан. Нетанјаху веднаш одговори на ова, велејќи дека ова за него е неприфатливо и дека ќе останат во безбедносна зона во јужен Либан.
-Ќе останеме во Либан во безбедносна зона.Тоа е безбедносна зона која започнува од морето и продолжува до планината Дов и подножјето на планината Хермон до границата со Сирија. Тоа е 10 километри длабока зона,- Бенјамин Нетанјаху – Премиер на Израел.
Иако примирјето помеѓу Израел и Либан е на стаклени нозе и беше прекршено во раните часови, светските лидери имаат позитивни реакции на договорот, а истото беше поздравено и од генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата