Министерството за финансии на САД информираше дека воведе санкции против компанијата Korea Sobaeksu Trading Company, која обезбедувала средства за програмите за вооружување на Северна Кореја преку измамнички активности.
САД ја санкционираа оваа фирма поради нејзините напори да ги избегнува санкциите наметнати од меѓународната заедница, како и поради придонесот во обезбедување тајни приходи за владата на Северна Кореја преку лажни ИТ-работници. Со санкции се опфатени и тројца севернокорејски државјани, поврзани со овие активности.
Според американското министерство, Korea Sobaeksu Trading Company фигурира како параван за одделението за муниција на Северна Кореја, кое е клучно за развојот на нуклеарниот и балистичкиот арсенал на земјата.
Одделението за муниција претходно ја користело Sobaeksu за да испраќа тимови на ИТ-работници во странство, вклучително и во Виетнам, за да обезбеди доход. Допрва, компанијата се инволвирала и во набавка на материјали за нуклеарната програма на ова одделение, соопшти Секретаријатот за финансии на САД.
Компанијата е директно поврзана со најголемата шема на Северна Кореја за испраќање обучени ИТ-работници во странство. Преку користење лажни податоци, украдени идентитети и лажни профили, овие работници успеваат да се инфилтрираат во компании во САД и други држави, со што ја заобиколуваат легислативата и обезбедуваат приходи за режимот.
Платите на овие работници се пренасочуваат на владата на Пјонгјанг, што потоа се користат директно за развој на балистички ракети и нуклеарни проекти.
Демократска Народна Република Кореја се потпира на параван-компании како Sobaeksu и клучни посредници за прибавување материјали и средства за забранетите воени програми, порача Бредли Т. Смит, директор на Канцеларијата за контрола на странски средства. Министерството за финансии останува цврсто решено да ги пронајде и санкционира сите кои содејствуваат во глобалното избегнување на санкции и го поттикнуваат дестабилизирачкиот курс на режимот во Северна Кореја.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата