logo
logo
logo

САД ги предупредуваат Американците веднаш да го напуштат Ирак поради заканите од Иран

Vecer | 30.03.2026

САД ги предупредуваат Американците веднаш да го напуштат Ирак поради заканите од Иран

Соединетите Американски Држави ги предупредија своите граѓани синоќа веднаш да го напуштат Ирак поради зголемените безбедносни ризици, вклучително и можни напади од страна на Иран и проирански милитантни групи врз цели поврзани со САД, вклучувајќи ги и американските универзитети во Багдад и на други места во земјата.

Според соопштението од Амбасадата на САД во Ирак, проиранските групи веќе извршиле многубројни напади врз американски граѓани и цели поврзани со САД низ Ирак, вклучувајќи го и регионот Ирачки Курдистан, како и ирачките институции и цивилни објекти.

Мисијата на САД во Ирак, се вели во соопштението, останува отворена и работи со ограничено присуство за да им помогне на американските граѓани, но на граѓаните им се советува да не доаѓаат во Амбасадата во Багдад или во генералниот конзулат во Ербил поради постојаната закана од ракети, беспилотни летала и проектили во ирачкиот воздушен простор.

Нивото на тревога за Ирак останува на највисоко, ниво четири - „не патувајте“, а на американските граѓани им се советува да не патуваат во Ирак од која било причина и веднаш да ја напуштат земјата доколку се таму.

Американските граѓани, кои ќе одлучат да останат во Ирак, се советуваат да го сторат тоа со висок безбедносен ризик.

Американските власти наведуваат дека внимателно ја следат ситуацијата и ќе продолжат да ги информираат граѓаните за опциите за напуштање на земјата.

Се нагласува дека Иран и проиранските милитантни групи претставуваат растечка закана за јавната безбедност во Ирак и дека може да продолжат со нападите врз цели поврзани со Соединетите Американски Држави, вклучувајќи дипломатски мисии, универзитети, компании, енергетска инфраструктура и други објекти, како и врз ирачките државни институции и цивилна инфраструктура.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk