Првиот заменик-претседател на парламентот, Александар Корниенко, го најави говорот на Руте, истакнувајќи дека неговата посета покажува силна поддршка за Украина и испраќа јасна порака за единство.
- Голема чест ми е што сум денеска со вас во самото срце на живата, демократска Украина. Украинската нација се бори многу силно и храбро. Вие сте претставници на овој народ, кои продолжувате да работите дури и среде секојдневните бомбардирања, рече Руте од говорницата на Врховната Рада.
Руте потоа со украинскиот претседател Володимир Зеленски го посетија споменикот на паднатите украински бранители на плоштадот Мајдан.
„Вечна чест на нашите воини. Вечна благодарност за нивната жртва и за одбраната на земјата. Наша должност е да го зачуваме споменот на нашите паднати херои“, напиша Зеленски на Х.
Руте последен пат ја посети Украина во април минатата година, кога заедно со украинскиот претседател ја посети воената болница и Преображенскиот собор во Одеса, кој беше оштетен во руско гранатирање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата