Инцидентот, кој се случи јужно од данскиот град Гедсер, беше потврден од Данската команда за одбрана, како што објави локалниот медиум TV2 на 15 септември, пренесува NV.
Сигналната ракета поминала многу блиску до хеликоптерот
Настанот се случил на 14 септември во меѓународен воздушен простор. Хеликоптер „AS-550 Fennec“ на Кралските дански воздухопловни сили бил на рутинска мисија за воздушно извидување и фотографирање на руски воен брод што пловел во меѓународни води. Рускиот брод потоа испукал две пиротехнички сигнални ракети директно кон леталото.
Според данските воени власти, еден од проектилите поминал многу блиску до хеликоптерот. Меѓу екипажот немало повредени, а хеликоптерот не претрпел никакви оштетувања.
„Сериозен инцидент“
Данскиот министер за одбрана Јепе Брус ја осуди провокацијата и најави дека Министерството за надворешни работи ќе го повика рускиот амбасадор на официјална дипломатска средба.
„Ова е сериозен инцидент и Данска го сфаќа крајно сериозно“, изјави Брус. „Колку што знам, ова е првпат да се соочиме со инцидент од ваква природа. Тоа јасно покажува дека Русите се подготвени да преземаат сè поголеми ризици. Ова е сериозен настан и токму затоа го повикуваме рускиот амбасадор“, додаде тој. Овој инцидент се случува кратко откако Емил Грешолм, шеф на контраразузнавањето во Данската служба за безбедност и разузнавање (PET), на 3 септември објави дека данските агенти откриле конкретни планови на руското разузнавање. Според него, Русите подготвувале саботажа на капацитетите на данската воена индустрија.
Извор: Б92
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата