Иако Исламабад е подготвен по втор пат да биде домаќин на разговорите меѓу САД и Иран, останува нејасно дали, со оглед на состојбите на терен, страните воопшто ќе се појават во Пакистан на предвидените мировни преговори во Хотел Серена, кој е веќе под силно обезбедување.
Техеран децидно порача – блокадата на иранските пристаништа е прекршување на примријето. Според собранискиот спикер – Галибаф ваквата состојба на терен е обид на САД да се претстави Иран во капитулантска позиција – нешто што кажа дека нема да се прифати.
-Трамп со наметнувањето на опсада и прекршувањето на прекинот на огнот, се обидува да ја претвори преговарачката маса – во својата имагинација – во маса за предавање или да го оправда oбновеното воено загревање. Не прифаќаме преговори под сенката на заканите, а во последните две недели, се подготвивме да отвориме нови карти на военото поле,-Мохамед Багер Галибаф – Собраниски спикер на Иран.
Ваквата порака, според странските медиуми, го одложи и планираниот лет кон Исламабад на предводникот на американската делегација – потпретседателот Џеј Ди Венс, чие тргнување, според нив, ќе се случи подоцна денеска. Претседаетлот Трамп испрати остра порака – Ќе преговарате или ќе се соочите со проблеми какви не сте виделе, откако викендов повторно споменуваше уништување на електраните и мостовите.
-Ќе преговараат, ако тоа не го сторат, ќе се соочат со проблеми какви што не виделе досега, ќе преговараат, и се надевам дека ќе направат фер договор и ќе си ја изградат повторно својата држава, но кога тоа ќе го сторат, нема да имаат нуклеарно оружје,--Доналд Трамп – Претседател на САД.
И со мир на Блискиот Исток, светот ќе има потреба од најмалку две години да се опорави од енергетската криза, а доколку продолжи, последиците ќе бидат од невидени размери, порача првиот човек на интернационалната агенција за енергија – Фатих Бирол.
-Oва е навистина најголемата криза во историјата. Кризата е веќе огромна со комбинирањето на ефектот врз горивата и кризата со гас со Русија – Фатих Бирол – претседател на интернационалната агенција..
Нафтата која поради затворањето на Ормускиот теснец и конфликтот постојано варира, во моментов се движи околу 94,5 долари по барел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата