logo
logo
logo

Пресврт по 20 години: Американско говедско месо повторно на австралискиот пазар

Vecer | 25.07.2025

Пресврт по 20 години: Американско говедско месо повторно на австралискиот пазар

Промените доаѓаат по повеќе од две децении строга контрола поради страв од болеста „луда крава“ (BSE).

Според зборовите на министерката за земјоделство Џули Колинс, новите правила се засноваат на „ригорозна научна проценка“, со која е потврдено дека американските системи за следење на потеклото и движењето на добитокот се значително подобрени.

– Никогаш нема да правиме компромиси кога станува збор за биолошката безбедност, порача Колинс, пренесува Ројтерс.

Австралија во 2003 година воведе строги ограничувања за увоз на говедско месо од САД поради загриженост за говедската спонгиформна енцефалопатија. Од 2019 година беше дозволен увоз на месо исклучиво од животни кои се родени, одгледани и заклани во САД.

Со новите правила сега е дозволен и увоз на месо од добиток кој е роден во Канада или Мексико, под услов да е легално увезен во САД и заклан според тамошните прописи.

Сепак, и покрај олеснувањето на рестрикциите, експертите истакнуваат дека е малку веројатно американското говедско месо да го преплави австралискиот пазар – пред сè поради повисоката цена на месото од САД во споредба со локалните производители.

Податоците покажуваат дека минатата година извозот на американско говедско месо во Австралија изнесувал рекордни 269 тони, додека Австралија во истиот период извезла говедско месо во вредност од четири милијарди австралиски долари во САД, пренесува Биз Портал.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk