Поранешниот руски министер за транспорт, Роман Старовоит, беше пронајден мртов, наводно како самоубиство, неколку часа по неговото разрешување од страна на претседателот Владимир Путин.
Официјалните причини за разрешувањето не беа наведени, но одлуката уследи по украински воздушен напад кој ја дестабилизира руската авијација – според Федералната агенција за воздушен сообраќај, биле откажани 485 летови, 88 биле пренасочени, а 1.900 доцнеле поради „надворешно мешање“.
Старовоит е најден во својот автомобил на периферијата на Москва, кај Одинцово, со прострелна рана.
Следствената комисија на Русија соопшти дека истрагата е во тек, но моментално главната верзија е самоубиство.
Неговата кариера беше под лупа уште пред назначувањето во владата – како гувернер на Курската област тој беше обвинуван за неуспехот на безбедносните мерки, што дозволи украински пробив на границата.
Според руски медиуми, смената на Старовоит можно е да е поврзана со истрага за проневера на државни пари наменети за изградба на утврдувањата во Курск, што се смета за една од причините за слабата безбедност на регионот.
Кога Кремљ беше запрашан дали разрешувањето е поради недоверба, портпаролот Дмитриј Песков рече: „Во случајот со Старовоит, не беше користена таква формулација.“
Политичкиот аналитичар Евгениј Минченко на Телеграм оцени дека смената на Старовоит била очекувана и дека „тоа што се случи во Курск му се врати“.
Во меѓувреме, воздушните напади и на Украина и Русија постојано се засилуваат додека преговорите за прекин на огнот се безуспешни. Само минатата недела, според украинскиот претседател Володимир Зеленски, Русија употребила околу 1.270 дронови, 39 ракети и речиси 1.000 бомби против Украина.
Зеленски истакна дека противвоздушната одбрана е врвен приоритет, иако САД ја стопираа испораката на дел од ракетните системи. „Противвоздушната одбрана е најважна за заштита на животите“, напиша тој на Телеграм.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата