logo
logo
logo

Полицијата и ФБИ трагаат по напаѓач кој уби двајца студенти во Универзитетот „Браун“ (ВИДЕО)

Vecer | 14.12.2025

Полицијата и ФБИ трагаат по напаѓач кој уби двајца студенти во Универзитетот „Браун“ (ВИДЕО)

Градоначалникот на градот, Брет Смајли, информираше дека девет лица се повредени во нападот, од кои осум се во критична состојба, додека деветтиот е надвор од животна опасност.

Заменик-шефот на полицијата во Провиденс, Тимоти О’Хара, изјави дека осомничениот е маж, веројатно на возраст меѓу 30 и 40 години, облечен во црно, кој последен пат бил виден како ја напушта зградата каде што се случи пукањето.

Ректорот на универзитетот, Кристина Паксон, соопшти дека е информирана оти сите загинати и повредени во критична состојба се студенти.

Градоначалникот Смајли прецизираше дека било приведено лице за кое постоеле сомневања дека е вмешано во инцидентот, но подоцна било утврдено дека тоа нема врска со пукањето.

Престижната образовна институција, дел од „Ајви лигата“ (Ivy League), претходно издаде предупредување за лице кое стрела од оружје  на нејзината територија и ги повика студентите и персоналот да побараат засолниште. Напаѓачот прво отворил оган во една од училниците.

Пукањето се случи во зградата „Барус енд Холи“, седумкатен комплекс во кој се сместени Инженерскиот факултет и Катедрата за физика на универзитетот. Инцидентот се случил за време на вториот ден од испитната сесија, кога во објектот се одржувале испити.

Претседателот Доналд Трамп изјави дека е информиран за пукањето. „Бог да ги благослови повредените и семејствата на повредените“, напиша тој на својот профил на социјалните мрежи во објава пред да се дознае дека има загинати. Подоцна, Трамп изјави во Белата куќа дека „сѐ што можеме да направиме сега е да се молиме за жртвите“.

Гувернерот на Род Ајленд, Дан Меки, рече: „Нeзамисливото се случи“.

ФБИ објави дека дава поддршка на полициските активности.

Универзитетот „Браун“ е приватна образовна институција со околу 7.300 додипломски и над 3.000 постдипломски студенти. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk