Папата Лав XIV изрази длабоко сочувство за жртвите на насилниот напад врз Католичка црква во Конго, кој беше изведен од страна на вооружени лица поддржани од ИСИС.
Поглаварот на Римокатоличката црква пренесе солидарност и жалење за убиствата, истакнувајќи ја својата желба за мир во регионот. Во масакрот животите ги загубија 43 лица, потврди претставник на Обединетите нации.
„Неговата Светост, Папата Лав XIV, со длабока вознемиреност и тага дозна за нападот врз парохијата на Блажената Ануарите во Команда, при кој беа убиени повеќе верници собрани на молитва,“ се вели во телеграмата испратена од кардинал Пиетро Паролин до надбискуп Фулженс Мутеба Мугалу, претседател на Конференцијата на епископи од Конго.
„Папата се моли да стане крвта на овие маченици семе на мир, помирување, братство и љубов за целиот народ на Конго. Светиот Отец ја испраќа својата Апостолска благослов за парохијата Блажена Ануарите, особено до ожалостените семејства, како и до синовите и ќерките на Демократска Република Конго.“
„Дај, Господи, крвта на овие маченици да стане семе на мир и љубов за народот на Конго,“ рече Папата Лав XIV.
Нападот предизвика силна осуда и во меѓународната јавност.
„Франција најостро го осудува нападот извршен на 27 јули од страна на сојузниците на Даеш врз црквата во Команда, во покраината Итури, во североисточен Конго. Во нападот, кој се случи околу 1 часот по полноќ, животите ги загубија најмалку 43 цивили,“ стои во соопштението на Француското Министерство за надворешни работи.
Франција ја истакна својата солидарност со конголската влада и изрази сочувство до семејствата на жртвите, истовремено нагласувајќи ја поддршката во борбата против терористичките групи.
Мисијата за стабилизација на ОН во Конго го осуди нападот, опишувајќи го како „грозоморно дело на насилство“ и „сериозно прекршување на меѓународното хуманитарно право и човековите права.“
„Овие насочени напади против беспомошни цивили, особено во места на богослужба, не само што се страшни туку се и спротивни на сите стандарди за човекови права и меѓународното хуманитарно право,“ изјави Вивијан ван де Пер, в.д. раководител на мисијата.
Вики Хартцлер, претседател на Комисијата на САД за меѓународна верска слобода, остро го осуди нападот извршен од ИСИС-поврзани екстремисти и ја повика американската влада на поддршка.
„Загрижувачки е порастот на напади врз христијаните и други верски заедници во Конго од страна на Исламските демократски сили (ADF), поврзани со ИСИС. Последниот напад е особено вознемирувачки бидејќи беше насочен кон место за богослужба додека верниците се собираа за молитва. Секој треба да има право на вероисповед без страв за животот. Комисијата остро ги осудува нападите и ја повикува владата на САД да обезбеди целосна помош за спречување на оваа опасна тенденција.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата