Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, при синоќешната вечера во Белата куќа, го изненади американскиот претседател Доналд Трамп со писмо во кое го номинира за Нобелова награда за мир – гест кој несомнено му годеше на домаќинот.
Трамп беше видно задоволен од ова признание. Својата амбиција за смирување на глобалните конфликти, вклучувајќи ја и израелско-палестинската војна, ја нагласуваше и за време на кампањата, но и по седнувањето во претседателската фотелја.
Од преземањето на функцијата, администрацијата на Трамп одобри продажба на оружје вредно речиси 12 милијарди долари на Израел, оправдувајќи го тоа со стратешкото партнерство меѓу двете држави.
Значителен дел од ова оружје Израел го користи во војната во Газа, каде според податоци на Обединетите Нации, уништени или сериозно оштетени се околу 92% од станбените објекти, што претставува околу 436 000 домови. Според истите извори, во офанзивата животите ги загубиле околу 57 000 Палестинци, меѓу кои и голем број жени и деца.
Израел ги оправдува нападите врз болниците и училиштата со тврдења дека таму се кријат членови на Хамас.
Последиците се катастрофални: приближно 90% од жителите на појасот Газа, или речиси 2,4 милиони луѓе, беа принудени да ги напуштат своите домови.
Прашањето што ги мачи многумина е каква ќе биде иднината за Палестинците во Газа, кои живеат во услови што се тешко одржливи. Премиерот Нетанјаху, кого Трамп често го нарекува Биби, нуди едноставен одговор:
„Ако луѓето сакаат да останат, може да останат. Но, ако сакаат да си одат, треба да имаат таа можност. Не треба да се чувствуваат како затвореници. Наша цел е Газа да стане место каде луѓето ќе имаат слобода на избор. Заедно со САД, работиме на тоа да најдеме држави кои ќе им обезбедат подобра иднина на Палестинците.“
Овој став, во поинаква ситуација и за друга земја, би можел да се сфати и како поттик за етничко чистење – но за оваа изјава во Белата куќа немаше официјален коментар.
И покрај цврстата поддршка за израелските воени акции, Трамп настојува да ја зајакне својата улога како промотор на мирот, велејќи дека прекинот на огнот во Газа е речиси постигнат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата