Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го истакна ставот „мир преку сила“ во однос на Дамаск, откако меѓународен мировен план на чело со САД го стивна насилството во југозападна Сирија.
Нетанјаху отворено ги оправда воените активности на израелската армија против сириските власти – меѓу кои и бомбардирање на Претседателската палата и Министерството за одбрана, поради, како што истакна, загриженоста за националната безбедност и заштитата на друската популација која се наоѓа во судир со државните сили.
Јасно ја поставивме нашата политика: демилитаризација на југот од Дамаск – од Голанската висорамнина до регионот Џабал ал-Друз. Ова е првата црвена линија. Втората е заштитата на нашите браќа Друзи во Џабал ал-Друз.

Тој додаде дека двете „црвени линии“ биле прекршени од страна на режимот во Дамаск, кога воените сили биле испратени во демилитаризираната зона и кога започнало насилството врз друската заедница. За Израел, тоа било „целосно неприфатливо“.
Со помош на САД, во доцните часови во средата беше договорено примирје, кое досега се почитува, додека израелските воздушни напади се намалуваат, а сириските владини сили се повлекуваат од провинцијата Свејда, оставајќи ја во рацете на духовните водачи на Друзите.
Иако интензитетот на насилството опаѓа, риториката од страна на Израел останува остра. Нетанјаху упорно го бранува својот став дека единствено „мир преку сила“ носи безбедност и стабилност во регионот.
Ова е прекин на огнот постигнат со сила – не со молба, не со просење – туку со сила. Мировните процеси, смиреноста, безбедноста – сето тоа го обезбедуваме со сила, на седум фронта. Тоа ќе биде и понатаму нашата политика: нема да дозволиме воени сили да се спуштат јужно од Дамаск, ниту да дозволиме на Друзите во Џабал ал-Друз да им се нанесе штета.
Во исто време, сирискиот претседател Ахмад ал-Шараа најави дека ќе ја заштити друската заедница и дека владините сили се повлекуваат од регионот кој неодамна стана центар на меѓународни тензии.
Ал-Шараа, кој некогаш беше член на Ал Каеда, а сега се залага за секуларна демократија, на Друзите им се обрати како на „неотстаплив дел од ткивото на Сирија“, ветувајќи правда за тие што ја нападнале оваа верска заедница.

Ќе одговараат оние што погрешиле кон нашите Друзи, зашто државата е должна да ги штити и чувува нивните права и слободи – тоа е врвен приоритет.
Тој во својот говор беше далеку поригиден кон Израел, обвинувајќи го за постојано кршење на стабилноста и спроведување воздушни напади врз сириските владини позиции.
Израелските власти ги оправадуваат нападите како неопходни и велат дека така се одржува демилитаризираниот статус на јужна Сирија, како и безбедноста на Друзите кои живеат таму.
Ал-Шараа ја обвини израелската страна дека сака да внесе раздор и хаос во државата која се уште се обидува да се стабилизира по соборувањето на поранешниот претседател Башар Асад.
Израелскиот субјект, кој со години ја напаѓа нашата држава и внесува неслога од падот на претходниот режим, повторно сака нашата света земја да стане театар на долготраен хаос.
Ние не се плашиме од војна. Живеевме борејќи се и бранејќи го нашиот народ, но наш интерес е стабилноста на Сиријците, а не хаосот и уништувањето.

Судирите во регионот на Свејда започнале кога едно друско лице било нападнато и ограбено од член на бедуинска заедница – етнички соперник со кој долго време постои латентна напнатост.
ДРУЗИТЕ – МИСТЕРИОЗНА ЗАЕДНИЦА ВО СРЦЕТО НА СИРИСКИТЕ СУДИРИ
Друзите, познати по тоа што имаат големи резерви на оружје и сопствени организирани милиции за самоодбрана од други заедници, жестоко возвратија со напади врз бедуинското население.
Некои Друзи се надеваат дека еден ден ќе формираат независна држава за околу еден милион припадници, кои сега се распрскани низ Израел, Сирија, Либан и поширокиот регион.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата