Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес ќе пристигне во Брисел на разговори со високи претставници на ЕУ и НАТО, што е негово второ патување во странство откако ја презеде функцијата претходно оваа недела.
Мерц ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецол.
Неговата посета на Брисел е проследена со големи очекувања дека промената на владата во Берлин ќе донесе нов импулс во Европа во време на вртоглави глобални предизвици, според АФП.
Ги посети Париз и Варшава
Во среда, тој ги посети Париз и Варшава на своето прво официјално патување во странство на својата нова позиција.
По патувањата во Париз и Варшава, што сигнализираше за неговата намера да ги зајакне врските со двата соседа, посетата на Мерц на главниот град на ЕУ ја покажува неговата решеност да ја врати улогата на Германија во Европа по месеци политичка парализа, велат аналитичарите.
„Беше крајно време“, сумираше еден дипломат на ЕУ за АФП.
„Чекаме и ни е потребна силна Германија, таква што е способна да се справи со тешката задача што претстои.“
Не е тајна дека многумина во Брисел со нетрпение го очекуваат заминувањето на претходникот на Мерц, Олаф Шолц, по она што често се сметаше за разочарувачки мандат на чело на најголемата економија во Европа, од 2021 до 2025 година, пишува АФП.
„Германија под водство на Олаф Шолц имаше прилично негативна репутација“, рече Гунтрам Волф од тинк-тенкот „Бругел“. „Шолц секогаш прво би го повикал Вашингтон“, рече тој. „Мислам дека постои надеж дека Фридрих Мерц ќе биде повеќе ориентиран кон ЕУ.“
Мерц вети дека германскиот „глас во Европа и во светот“ повторно ќе биде слушнат.
„Пасивен пристап кон прашањата на ЕУ“
Како лидер на опозицијата, Мерц го обвини поранешниот канцелар Олаф Шолц за пасивен пристап кон прашањата на ЕУ и вети дека ќе го прекине „молчењето“ на Германија во европската политика.
Мерц вети поблиска соработка со Франција и Полска и обновено инсистирање на европскиот суверенитет како одговор на промената во надворешната политика на Соединетите Американски Држави под водство на претседателот Доналд Трамп.
Се очекува разговорите на НАТО да бидат фокусирани на војната во Украина и подготвеноста на алијансата да се спротивстави на руските закани.
Посетата доаѓа пред самитот на НАТО следниот месец во Хаг, прв на Трамп откако се врати на функцијата во јануари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата