Таа посочи дека Пакистан е единствениот посредник во преговорите, за кои рече дека се „продуктивни и во тек“.
Левит ги демантираше медиумските наводи дека Вашингтон побарал продолжување на тековниот прекин на огнот.
„Видов извештаи утрово, неточно известување дека формално сме побарале продолжување на прекинот на огнот. Тоа не е точно. Во овој момент сме силно ангажирани во преговорите“, изјави таа.
Според неа, американската делегација има „добро чувство“ по однос шансите за постигнување договор.
На прашањето колку ќе трае блокадата на Ормуската Теснина, Левит рече дека „не може да поставува рокови во име на претседателот“.
„Што се однесува до блокадата, како што знаете, таа е целосно спроведена и се применува кон бродови од сите земји кои влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа...Со неа се опфатени сите ирански прнистаништа во Арапскиот и Оманскиот Залив, додека нашите сили во регионот поддржуваат слободна пловидба за бродови што транзитираат низ теснецот, до и од пристаништа што не се ирански. Свесна сум дека дел од медиумите беа збунети по прашањето. Ние поддржуваме слобода на пловидба, но не и кога станува збор за било кој танкер или брод што би и користел на иранската економија додека траат преговорите“, истакна Левит.
Преговорите меѓу двете страни се одржаа на 11 април во Исламабад, кога делегацијата на САД ја предводеше потпретседателот Џеј Ди Ванс, а иранската делегација претседателот на Парламентот, Мохамед Багер Калибаф, но не беше постигнат договор за траен мир.
Претходно, арапски медиуми објавија дека во разговорите за иранската нуклеарна програма бил постигнат значителен напредок, при што пакистанските власти изразиле надеж за конкретни резултати.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата