Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, за овој викенд најави посета на Северна Кореја, во време на зголемени тензии и затегнувања меѓу Русија и САД.
Портпаролката на руското МНР Марија Захарова во средата објави дека Лавров ќе престојува во Пјонгјанг на „втор круг стратешки дијалог на ниво на министри за надворешни работи“. Овој настан е само дел од зголемената дипломатска активност меѓу Русија и Северна Кореја, нешто што беше незамисливо пред избувнувањето на војната во Украина.

Според државната новинска агенција на Северна Кореја, КЦНА, посетата на Лавров се реализира на покана на нивното Министерство за надворешни работи.
Само пред еден месец, секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу, се сретна со лидерот Ким Џонг Ун за време на неговата посета во Пјонгјанг, што исто така беше забележано од меѓународната јавност.
Во последните месеци, односите меѓу Северна Кореја и Русија стануваат сѐ поотворени и посилни, по период на долготрајна тајност. Москва и Пјонгјанг се обидоа да ја прикријат вклученоста на севернокорејските војници во борбите за протерување на украинските сили од подрачјето на Курск, за тоа да стане јавно дури по завршувањето на операцијата.
Минатиот месец, Ким Џонг Ун оддаде почит на загинатите севернокорејски војници во Курск, прикажувајќи и видео како ги дочекува ковчезите, заедно со руски претставници, на свечен настан во Пјонгјанг.
Гала-програмата беше организирана за да се слави „борбеното другарство и вистинската меѓународна солидарност меѓу народите и армиите на двете земји, изградено со цена од многу животи“, информираше КЦНА.
За време на посетата, Шојгу изјави дека Северна Кореја има намера да испрати дополнителен персонал во Курск, претежно војници инженери.
Претседателот на Државните работи на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, одлучи да испрати 1.000 деминери во Русија за расчистување мини, како и 5.000 воени градежни работници за реконструкција на инфраструктура уништена од непријателите,“ изјави Шојгу.
Украинските, западните и јужнокорејските разузнавачки служби тврдат дека од ноември во регионот на Курск е стациониран експедиционен корпус од Северна Кореја, како засилување за руската армија. Овие трупи најчесто настапувале во униформи слични на малцинствата од азиско потекло во Русија, но поради различните тактики и јазикот било јасно дека станува збор за севернокорејски војници.
Украинските војници, разговор за Си-Ен-Ен, велат дека севернокорејските трупи брзо се стекнале со респект поради нивната саможртвувана храброст – честопати се одрекувале од заштитна опрема за да се движат побрзо по бојното поле. Тие биле извонредни стрелци, соборувале дронови на стотици метри и би се самоуништувале за да избегнат заробување. Нивните сурови напади придонеле за ослабување на украинските одбранбени позиции.
Поради овие придонеси, Северна Кореја доби признание и од руските функционери, меѓу кои и претседателот Владимир Путин. Според украинското разузнавање, Пјонгјанг се подготвува да испрати до 30.000 нови трупи за да ја засили руската армија во моментов додека се продолжува офанзивата во Украина.
Ким Џонг Ун им оддава почит на загинатите војници што се бореа за Русија
Ова засилено сојузништво се случува во услови кога надежите за брзо и мирно решение на војната во Украина стивнуваат. Американскиот претседател Доналд Трамп изрази песимизам за успехот на мировните преговори, а оваа недела дури и остро го критикуваше Владимир Путин, најавувајќи дека ќе продолжи американската воена помош за Украина.
Постојано слушаме многу измамни зборови од Путин, ако сакате да ја знаете вистината," изјави Трамп. "Секогаш настапува љубезно, но на крај тоа не значи ништо.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата