Припадници на јеменското бунтовничко движење „Ансар Алах“, попознати како Хути, извршија напади со беспилотни летала врз пет цели во Израел како одмазда, вклучувајќи го Меѓународниот аеродром Бен Гурион и пристаништето Еилат, изјави портпаролот на вооружените сили на Хутите, Јахја Сарија.
„Беспилотни авиони на јеменските вооружени сили спроведоа специјална воена операција во која беа нападнати аеродромот Бен Гурион, воена цел во областа Јафа, како и пристаништето Ум ал-Рашраш, аеродромот Рамон и воен објект во близина на Ашдод“, објави Сарија во обраќање на телевизијата Ал Масира.
Засега нема информации за можни жртви или материјална штета.
Порано денеска, израелската војска изврши напади врз цели на Хутите во пристаништето Ходеида, во операција против милитантите поддржани од Иран, кои во последните месеци извршија напади врз бродови што се упатуваат кон Израел и испукаа ракети на израелска територија, според Ројтерс.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека израелските сили „силно го потиснуваат секој обид за враќање на терористичката инфраструктура што претходно беше цел“.
Израелската војска соопшти дека нападот бил насочен кон дел од пристаништето што се користел, меѓу другото, за трансфер на оружје од Иран, кое Хутите го користат за извршување „терористички напади против Државата Израел и нејзините сојузници“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата