logo
logo
logo

Формирањето нова холандска Влада западна во ќорсокак

Vecer | 08.12.2025

Формирањето нова холандска Влада западна во ќорсокак

Откако во петокот информира дека во моментов нема можност за создавање мнозинска владина коалиција во Парламентот или за поддршка за малцински кабинет, известувачот во процесот на формирање на нова Влада на Холандија, Сибранд Бума, викендов предложи партиските лидери да формираат „петпартиска коалиција“.

Бума како компромисно решение предложи новата Влада да ја формираат социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66), конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД), десно центристичкиот Христијански демократски повик (ЦДА), блокот на социјалдемократската Лабуристичка партија (ПВДА) и еколошката Зелена левица (ГЛ) и десничарската партија Вистински одговор 21 (ЈА21).

Сепак, холандските медиуми проценуваат дека мисијата на Бума за постигнување договор за формирање ваква Влада нема да биде лесна, од причина што некои од петте партии веќе најавија дека не сакаат да соработуваат со дел од потенцијалните коалициски партнери.

По предвремените парламентарни избори одржани на 29 октомври, како најверојатна нова коалиција беше посочувана онаа на Д66, ВВД, ЦДА и ПВДА-ГЛ, која би имала 86 места во Долниот дом на Парламентот или 10 повеќе од потребните 76 за парламентарно мнозинство.

За ваква „коалиција на центарот“ се изјасни и лидерот на партијата победник на изборите Д66 и најсериозен кандидат за нов премиер, Роб Јетен.

Меѓутоа, ВВД на Дилан Јешилѓоз-Зехериус одбива да коалицира со блокот на лабуристите и зелените и инсистира на „коалиција на десниот центар“ со Д66, ЦДА и ЈА21, која би имала 75 пратеници или едно помалку од потребниот број за парламентарно мнозинство.

Бума сега како компромис предлага широка коалиција, со цел и да се удоволи на желбата на ВВД за учество на ЈА21 во Владата, но и обезбедување нејзина стабилност со вклучување на левоцентристичкиот блок ПВДА-ГЛ.

Но, првите партиски реакции не даваат надеж дека предлогот на Бума ќе биде прифатен.

Лидерот на ЈА21, Јост Ердманс предлогот на Бука го оцени како „малку премногу креативен“, додека Јешилѓоз-Зехериус изјави дека нејзината ВВД останува на ставот дека нема да учествува во иста Влада со лабуристите и зелените.

Инаку, Бума ја разгледувал и можностите за формирање на малцинска влада на Д66, ВВД и ЦДА, но не успеал да обезбеди доволен број гласови од останатите парламентарни партии за нејзин избор.

Новиот лидер на ПВДА-ГЛ, Јесе Клевер ваквиот предлог го оцени како „неразумен“ и како „награда за ВВД за нејзиното блокирање“.

Предлогот за ваквата малцинска влада го отфрли и Ердманс, оценувајќи дека зошто би се барало од неговата ЈА21 да поддржи ваков кабинет, ако „не е доволно добра за да учествува“ во него.

Во вакви услови, медиумите проценуваат дека сега сите напори ќе бидат насочени кон убедување на ВВД да се предомисли.

Јешилѓоз, засега не покажува подготвеност за предомислување. – Ние нема да го промениме нашиот став, истакна Јешилѓоз, додавајќи дека е „сигурна“ оти се можни неколку опции за формирање влада, дури и такви кои не би ја вклучувале ВВД, но не прецизираше кои се тие.

Опција за формирање мнозинска Влада е и со вклучување на десничарската Партија на слободата (ПВВ), но повеќето центристички партии ја отфрлаат таквата можност.

Сепак, лидерот на ПВВ, Герт Вилдерс во актуелниот ќорсокак гледа можност неговата партија сепак да биде дел од идната Влада.

- Ако Д66 и ЦДА не успеат, тогаш е ред на ПВВ да се обиде да формира Кабинет и да подготви предлог-договор со другите партии, наведе Вилдерс на Икс.

Крајниот рок за постигнување договор за формирање влада е утре, кога Бума треба да го достави извештајот од резултатите од неговата мисија до Парламентот. Доколку, Бума не успее да договори компромисно решение до утре, тогаш би можел да добие нова шанса за да се обиде да постигне договор или, што е поверојатно, да биде именуван нов известувач со мисија за формирање нова Влада. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk