Европските земји ја отпочнаа иницијативата за создавање Фонд за обнова на Украина, со почетен капитал од 220 милиони евра и план до 2026 година фондот да достигне половина милијарда евра. Италија, Германија, Франција и Полска се покровители на оваа иницијатива. Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, порача дека заедничката цел е слободна и обновена Украина, истакнувајќи дека руската стратегија за потчинување на земјата е неуспешна. Таа ги повика големите инвеститори да помогнат во обновата на земјата, разурната од повеќегодишната војна.
Порачуваме до претприемачите: не плашете се да вложувате во Украина. Ова не е коцка, туку инвестиција во нација со исклучителна отпорност, инвестиција во мирот, во економскиот раст на Европа, како и во безбедноста на сите наши граѓани.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави пакет од 2,3 милијарди евра за помош на Украина, како и мобилизација на околу 10 милијарди евра преку инвестиции во енергетиката, транспортната инфраструктура, стратешките суровини и индустријата.
Можам да објавам исплата од една милијарда евра за макрофинансиска поддршка. Плус над три милијарди евра за украинската инфраструктура. Овие гаранции и грантови треба да ослободат 10 милијарди евра за инвестиции во раст, закрепнување и реконструкција на Украина.
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, го повтори ставот за поддршка на пристапувањето на Украина во Европската Унија, повикувајќи ги сите земји-членки, особено Словачка, да не го блокираат осумнаесеттиот пакет санкции против Русија.
Целосно ја поддржуваме Украина на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Упатувам апел до Словачка и нејзиниот премиер, да го сменат ставот и да овозможат усвојување на новиот пакет санкции против Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи дека е неопходен долгорочен план за обнова и закрепнување, налик на Маршаловиот план за Европа, и ги повика меѓународните партнери и компании да се приклучат на Коалицијата за обновување на Украина.
Ве охрабрувам да ја поддржите Коалицијата за закрепнување и да помогнете при развојот на ефикасни механизми за финансирање. Мора јасно да се утврди дека замрзнатите руски средства треба да се искористат за обнова на Украина.
Токму во време на Конференцијата во Рим, Киев беше цел на еден од најмасовните воздушни напади по руската инвазија во 2022-та. Повеќе од 400 беспилотни летала и 18 балистички ракети беа истрелани кон украинската престолнина и околните градови, со најмалку две жртви и 16 повредени.
Бучењето на дроновите и експлозиите започнаа околу еден по полноќ и траеја речиси еден час. Сирените се огласија, противвоздушната одбрана дејствуваше, а жителите на Киев побараа засолниште во метро станиците и скривниците каде ја поминаа ноќта.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата