Франција следната пролет ќе избира нов претседател, откако првиот круг од изборите е закажан за 18 април, а вториот за 2 мај 2027 година. Актуелниот шеф на државата Емануел Макрон, по два последователни мандати, повеќе нема право да се кандидира, што ја отвора трката за политичка иднина на земјата. Меѓу главните кандидати кои веќе влегоа во арената се лидерката на десничарското Национално сојузништво Марин Ле Пен, предводникот на крајната левица Жан-Лик Меланшон и поранешниот премиер Едуар Филип.
Најновите истражувања на јавното мнение покажуваат длабока поделеност меѓу француските гласачи пред конечното заминување на Макрон од власта, чиј што мандат зад себе остави разголен политички центар и разнишана економија.
Убедливо водство на Ле Пен
Според анкетата на агенцијата Toluna Harris Interactive, спроведена неодамна, Марин Ле Пен во првиот круг би освоила меѓу 33 и 36 отсто од гласовите. Ле Пен во претходните циклуси влегуваше во вториот круг во 2017 и 2022 година, каде двапати беше поразена од Макрон, но сега влегува во изборите како апсолутен фаворит.
Жан-Лик Меланшон, кој по четврти пат најави кандидатура, во повеќето испитени сценарија завршува како втор патник во вториот круг, но истражувањата покажуваат дека Ле Пен би го победила со голема разлика во директниот дуел. Единствен кандидат од десниот центар кој успева да му се спротивстави на Меланшон е поранешниот премиер Едуар Филип, додека останатите умерени опции заостануваат зад радикалните партии.
Овие избори се најавуваат како историска пресвртница за Франција, со оглед на тоа што слабите економски резултати и политичката нестабилност фрлаат тешка сенка врз наследството на досегашната власт.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата