Речиси ниту една технологија не поминала низ толку подеми и падови како нуклеарната енергија. Од подемот на цивилната употреба во 1950-тите, па сè до големите катастрофи на Островот Три милји, во Чернобил и Фукушима кои предизвикаа силен отпор кај јавноста, оваа технологија денес повторно се промовира како клучна алтернатива на фосилните горива со нулта емисија на јаглерод диоксид. На африканскиот континент, нуклеарните амбиции стануваат реалност, а единствената активна нуклеарна централа во Јужна Африка наскоро би можела да добие друштво во повеќе соседни земји, пишува „Дојче Веле“.
Новинарот Тристен Тејлор во својот извештај за 2025 година истакнува дека Африка стана клучен пазар за раст на нуклеарната индустрија, особено за понудувачите од Кина, Јужна Кореја и Русија. Со поддршка на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), многу влади веќе го подготвуваат теренот за своите први реактори. Ситуацијата на теренот е различна од држава во држава, па така Египет е најблиску до целта откако рускиот државен концерн „Росатом“ уште во 2022 година започна со изградба на нуклеарката Ел Даба. Од друга страна, плановите на сахелските држави како Нигер, Мали и Буркина Фасо се оценуваат како нереални и примарно геополитички мотивирани, служејќи повеќе како симбол на руската политичка поддршка отколку како остварливи енергетски проекти.
Во Јужноафриканската Република се наоѓа единствената африканска нуклеарна централа „Коберг“, изградена во средината на 80-тите години. Иако дозволите за работа на реакторите се продолжени за уште 20 години, еколошките активисти предупредуваат на сериозни безбедносни пропусти и нетранспарентност на државната компанија „Еском“. Франческа де Гаспарис од организацијата САФЦЕИ нагласува дека во Јужна Африка безбедносните протоколи не се ажурираат соодветно со лекциите научени од Фукушима, но и покрај критиките, државата продолжува со плановите за нова централа со моќност од 4000 мегавати на локацијата Дајнефонтејн.
Гана го предводи западноафриканскиот бран на нуклеарна енергија со планиран почеток на изградба веќе во 2027 година. Покрај конвенционалните централи, Гана и Руанда полагаат големи надежи во малите модуларни реактори, познати како СМР. Овие реактори ветуваат поедноставна работа, помал ризик и подобра економска исплатливост поради сериското производство. Сепак, критичарите потсетуваат дека овие технологии сè уште се во фаза на прототип, што значи дека африканските држави во моментов се потпираат повеќе на ветувањата на индустријата отколку на веќе проверена практика во реалниот свет.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата