logo
logo
logo

ЕУ ги прошири санкциите кон Русија и Белорусија поради хибридни активности

Vecer | 15.12.2025

ЕУ ги прошири санкциите кон Русија и Белорусија поради хибридни активности

Советот на ЕУ денеска донесе одлука за додавање на уште 12 поединци и два субјекти на листата на санкционирани поради поврзаност со манипулација со информации и кибернапади од страна на Русија, како и за проширување на опсегот на режимот на казнени мерки против Белорусија, со што се опфаќаат и нејзините хибридни активности против земјите членки на ЕУ.

Советот реши на листата на санкционирани поради активности поврзани со манипулација со информации, странско мешање и злонамерни кибер активности од страна на Русија против ЕУ и нејзините земји членки и партнери, да бидат вклучени неколку надворешно-политички аналитичари ангажирани во институции, тинк-тенкови и универзитети тесно поврзани со Кремљ, како и влијателни лица кои промовираат проруска пропаганда, теории на заговор за руската инвазија на Украина и антиукраински и анти-НАТО наративи. Дел од овие лица се поранешни воени или полициски офицери од Западна Европа.

Исто така, санкции се воведени и кон организацијата Меѓународно движење на русофилите, поради глобално ширење на дестабилизирачки наративи во име на руската Влада, како и кон 142-от Баталјон за електронско војување со седиште во Калининград, кој е одговорен за попречување на системите за комуникација и електронски напади поврзани со неодамнешните случаи на дефекти на ГПС сигналот во неколку земји членки на ЕУ.

На листата се додадени и членови на одделите за кибер активности на руската воена разузнавачка агенција ГРУ, вклучени во онлајн напади врз украински владини организации и упади во системи на земјите членки на ЕУ и сојузниците на НАТО, со цел прибирање чувствителни информации и дестабилизирање на нивната политичка ситуација.

Со денешната одлука на оваа листа на санкционирани поради дестабилизирачките активности на Русија сега се наоѓаат вкупно 59 физички лица и 17 субјекти.

Советот на ЕУ, дополнително го прошири и обемот на режимот на санкции кон Белорусија, со овозможување за воведување казнени мерки кон поединци, субјекти или тела вклучени или поврзани со белоруските активности за поткопување или загрозување на демократијата, владеењето на правото, стабилноста или безбедноста на ЕУ и нејзините земји членки.

Конкретен повод за оваа одлука се неодамнешните упади на метеоролошки балони од Белорусија во воздушниот простор на Литванија.

Со ова се овозможува воведување санкции кон оние кои планираат, насочуваат, поддржуваат или олеснуваат манипулација со информации и странско мешање, активности насочени против демократските институции, економските активности или услугите од јавен интерес на ЕУ и нејзините земји членки, како и неовластени упади на територијата на блокот и оштетување или уништување на критичната инфраструктура.

Покрај ова, Советот реши и да ја продолжи важноста до 10 јануари 2027 година на санкциите против Венецуела воведени поради поткопување на демократијата и владеењето на правото, континуираните кршења на човековите права и репресијата.

На санкционираните им се замрзнати средствата во ЕУ, а на граѓани и компании од блокот им е забрането да им ставаат на располагање средства, финансии или други економски ресурси. Дополнително на санкционираните физички лица им е забрането патување, влез или транзит низ територијата на ЕУ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk