logo
logo
logo

Суданири судири меѓу Друзи и Бедуини во јужна Сирија: Израел со воздушни напади

Vecer | 15.07.2025

Суданири судири меѓу Друзи и Бедуини во јужна Сирија: Израел со воздушни напади

Судирите меѓу Друзите и Бедуинските заедници во јужна Сирија ескалираа, при што според извештаите загинаа над 50 лица, а Израел одговори со воздушни напади за да спречи собирање на сириската армија во регионот.

Сирија повторно се наоѓа во опасност да западне во тешки секташки судири, овојпат во регионот каде што доминираат Друзите на југот од земјата. Според каналот за отворено разузнавање Rybar, конфликтот започнал кога провладини бедуински милитанти претепале млад Друз во близина на патот Дамаск-Сувајда. Ова довело до серија одмазднички киднапирања и напади кои брзо се претвориле во вооружен конфликт со употреба на оклопни возила и артилериско гранатирање.

Сириската опсерваторија за човекови права јави дека најмалку 50 луѓе, меѓу кои и две деца, се убиени, а над 150 се ранети во судирите. Се очекува бројот на жртви да се зголеми.

Владата во Дамаск објави дека ќе интервенира за да воспостави ред, најавувајќи „брза и решителна акција“ за смирување на насилството. Ова се случи и покрај претходното предупредување од Израел дека секое собирање на воена сила во јужна Сирија ќе биде спречено со сила. Како одговор, Израел изврши воздушни напади врз сириски тенкови.

Присуството на овие воени средства во јужна Сирија може да претставува закана за државата Израел. Армијата на Израел нема да дозволи воспоставување на воена закана во јужна Сирија и ќе дејствува против тоа. Израелската армија и понатаму будно ја следи состојбата.

Соопштение на Израелските одбранбени сили.

Часови по нападот, израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека акцијата има за цел јасно да се предупредат сириските власти: „Нема да дозволиме да се повредат Друзите во Сирија.“

Израел нема да биде нем набљудувач.

Изјава на министерот за одбрана на Израел, Израел Кац.

Друзите имаат значајна заедница и во Израел – околу 150.000 од вкупно 1 милион ширум светот. Тие се познати по блиските врски со еврејската држава. Над половина од светските Друзи живеат во Сирија, претежно на југот на земјата.

Се појавија гласини дека по колапсот на режимот на Башар Асад во декември, Израел планира да создаде буфер-држава за Друзите во јужна Сирија.

Рано утрото во вторник по локално време, повторно беа забележани израелски воздушни напади врз цели во регионот.

Владата во Дамаск се обиде да ги увери Друзите дека се безбедни, па портпаролот на министерството за одбрана, Хасан Абдел-Гани, објави видео на кое во воена униформа уверува дека нивната интервенција е за заштита на цивилите.

Но ваквите гаранции не се прифатени со доверба, со оглед дека Абдел-Гани се поврзува со масакрите врз алавитските цивили во март, последната голема ескалација на секташко насилство по сириското крајбрежје. Длабинска Reuters истрага покажала дека реагирал со радост откако бил информиран за убиствата, одговарајќи: „Алах да ве награди“.

Иако владата се претставува како неутрална, војници од армијата биле забележани како се борат на страната на Бедуините, додека Абдел-Гани тврди дека неколку војници се ранети од напади на „групи вон законот“ врз армиски пунктови.

Друзите им нанеле значителни загуби на противниците, а на социјалните мрежи се појави фотографија како борец од Друзите позира над неколку тела облечени во воена униформа.

Заменичката специјална пратеничка на ОН за Сирија, Наџат Рочди, изрази „длабока загриженост“ поради насилството, повикувајќи ги властите и локалните групи да преземат „итни чекори за заштита на цивилното население, враќање на мирот и спречување на нови провокации“.

Овој бран насилство покажува дека на Сирија и се потребни инклузија, градење доверба и вистински политички дијалог за успешна, инклузивна политичка транзиција.

Наџат Рочди, ОН
Сириските владини сили во Мазраа, покрај градот Сувајда, по избивањето судири меѓу бедуинските кланови и Друзите, 14 јули 2025.
Сириските владини сили во Мазраа, покрај градот Сувајда, по избивањето судири меѓу бедуинските кланови и Друзите, 14 јули 2025.

Овие случувања ја покажуваат неможноста на властите во Дамаск да ги интегрираат разнородните анти-Асад милиции во централизирана армија, како и кревката контрола што владата ја има врз поголемиот дел од земјата, каде што по падот на Асад се зголемуваат криминалот и секташките конфликти.

Иако на хартија владее на целата територија, Дамаск има најмалку влијание токму во друзиските региони на југот, каде контролата ја имаат локални милиции.

Владата на Сирија, пак, преку најновите изјави се обидува да ја искористи кризата како аргумент за потребата од централизирана власт и целосна државна контрола врз регионот на југот.

Недостатокот на државни институции, особено безбедносни и воени, е главната причина за тековните тензии. Решението е воспоставување безбедност и повторно активирање на институциите за враќање на нормалниот живот.

Министерот за внатрешни работи на Сирија, Анас Хатаб

Иако со години има тензии меѓу Дамаск и Друзите, ова е првпат градот Сувајда да биде директно погоден од секташко насилство. Друзите се придружија на бунтот во самиот крај на режимот на Асад, преземајќи го југот речиси без крвопролевање. Оваа нивна промена во лојалноста беше гледана како последен удар за поранешната власт.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk