Во Киев, ракетен напад од руските сили резултираше со трагична загуба од 28 човечки животи по погодокот во станбена зграда. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети местото на настанот и преку социјалните мрежи апелираше дека овој чин е потсетник за светот дека Русија не покажува подготвеност за примирје и избира да користи сила. Тој се заблагодари на државите кои го поддржуваат Киев и смета дека Украина секојдневно мора да ја зголемува својата отпорност, а, според него, притисокот врз Русија мора да продолжи за таа навистина да ја почувствува тежината на конфлитот.
Нападите беа насочени само кон капацитети кои се занимаваат со воена индустрија и производство на воена опрема, а не врз станбени цели. Нема да дозволиме Украина да создаде сили што може да го загрозат руското население или нашата држава. Ова беа операциите кои вашите новинари ги посведочија. Ако не постигнеме договор по мирен пат, ќе ги оствариме нашите цели со воени средства, истакна претседателот на Русија, Владимир Путин.
Путин дополнително посочи дека Москва нема да се откаже од намерата да ја демилитаризира Украина и предупреди против плановите Германија да достави ракети со долг дострел, велејќи дека ваков потег би можел да ја вовлече Германија во директен судир. Тој бара Украина да ги прифати руските услови за мир, предупредувајќи дека во спротивно кризата би можела натаму да се влошува.
Доколку германските офицери ракуваат со системите Таурус, тоа ќе значи дека војниците на Бундесверот го гaѓаат руското подрачје со германско оружје. Како може ова да не се толкува како директно вклучување на Германија во конфликтот со Русија?, праша претседателот Путин.
Нападите во Киев погодиле 27 различни локации во градот, меѓу кои има стамбени згради, училишта и важна инфраструктура. Иако се водеа две рунди директни разговори помеѓу Киев и Москва, засега нема значителен напредок кон прекин на огнот. Постигнати се единствено ограничени договори за размена на затвореници и враќање на телата на загинатите војници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата