logo
logo
logo

Политичка егзекуција од сопартијците

ПАЃА ЛИ БРИТАНСКАТА ВЛАДА - „Гардијан“ очекува утре оставка од Кир Стармер

Vecer | 21.06.2026

ПАЃА ЛИ БРИТАНСКАТА ВЛАДА - „Гардијан“ очекува утре оставка од Кир Стармер

Британската министерка за внатрешни работи Ивет Купер му порачала на премиерот Кир Стармер дека треба да поднесе оставка од должноста, дознава „Скај Њуз“ (Sky News).

Купер, една од највлијателните членки во владата на Стармер, наводно оваа порака му ја пренела на премиерот за време на приватен разговор минатиот викенд. Стармер во моментов не се наоѓа во Даунинг Стрит, туку престојува со сопругата и децата во Чекерс, официјалната селска резиденција на британските премиери.

Во меѓувреме, министерот за економија и трговија Питер Кајл за „Скај Њуз“ изјави дека не разговарал со Стармер од петокот. Сепак, тој откри дека тогаш воделе, како што рече, „отворен и искрен разговор“ за предизвиците со кои се соочува премиерот.

„Скај Њуз“ наведувадека ова е досега најсериозниот знак за внатрешни превирања во врвот на владејачката Лабуристичка партија, иако од кабинетот на премиерот засега нема официјални коментари за наводите дека една од клучните министерки го повикала на оставка. Додека зад кулисите врие, Стармер од резиденцијата каде што е со семејството, на социјалните мрежи објави само честитка по повод Денот на татковците.

„Да се биде татко е мојата најголема радост. Денес мислам на мојот татко и на тоа каков татко сум на моите децата благодарение на него. Среќен Ден на татковците“, напиша тој, објавувајќи фотографија заедно со неговиот татко.

Премиерот засега јавно не се осврна на шпекулациите за неговата политичка иднина. Сепак, британските медиуми известуваат дека тој е под сè поголем притисок по влезот на Енди Барнам во парламентот, кој со тоа ја зајакна својата политичка позиција и ги подгреа гласините дека би можел да биде следниот лидер на Лабуристите.

Весникот „Гардијан“ (The Guardian) веќе најавува дека Стармер уште во понеделник би можел да ја објави својата оставка и да го одреди временскиот рамка за повлекување под притисок на пратениците кои сакаат да му го исчистат патот на Барнам.

Стармер и неговите сојузници со недели тврдеа дека ќе се спротивстават на секој обид за рушење на неговото лидерство. Но, во неделата наутро, министерот Питер Кајл изјави дека премиерот викендот го поминува во „размислување за политичката реалност со која се соочува“, одбивајќи да открие какви се неговите планови.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk