logo
logo
logo

Норвешката престолонаследничка мора да оди на трансплантација на бели дробови

Vecer | 19.12.2025

Норвешката престолонаследничка мора да оди на трансплантација на бели дробови

Норвешката престолонаследничка принцезата Мете-Марит (52) мора да биде подложена на трансплантација на бели дробови по влошувањето на нејзината здравствена состојба во последните неколку месеци, се наведува во итното соопштение на кралската палата, пренесува Ројтерс.

На 52-годишната сопруга на престолонаследникот принц Хокон, наследник на норвешкиот престол, ѝ беше дијагностицирана белодробна фиброза во 2018 година. Станува збор за хронична болест која предизвикува создавање лузни во белите дробови и доведува до намален внес на кислород.

Тестовите спроведени во последните неколку месеци покажале јасно негативно напредување на здравствената состојба на престолонаследничката, се наведува во соопштението на дворот.

„Се надевав дека со лекови ќе ја држам болеста под контрола, а нејзиното напредување беше прилично бавно, но сега се одвива побрзо отколку што јас и лекарите очекувавме“, изјави Мете-Марит за јавниот сервис НРК.

Сè уште не е одлучено кога ќе биде ставена на листата на чекање за трансплантација, додава дворот.

„Се приближуваме до моментот кога ќе мора да се изврши трансплантација на бели дробови и ги правиме неопходните подготовки за тоа да биде возможно кога ќе дојде тој момент“, изјави професорот Оре Мартин Холм од Одделението за белодробни заболувања при Универзитетската болница во Осло, во истото соопштение.

Престолонаследникот принц Хокон изјави дека семејството забележало промени во состојбата на Мете-Марит.

„Видовме дека ѝ станува сè потешко да дише“, рече Хокон во заедничко интервју со сопругата.

Премиерот на Норвешка, Јонас Гар Стере, ја пофали престолонаследничката што отворено зборува за својата состојба и изјави дека тоа може да им помогне на други луѓе кои се соочуваат со слични проблеми.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk