Иран има еден од најголемите воени арсенали на Блискиот Исток, со повеќе од 3.000 балистички ракети, според извештајот на Централната команда на САД од 2022 година.
Ракетите со краток дострел, како што се Фатех и Золфагар, се наменети за брзи напади врз блиските воени цели.
Како по правило, тие се користат први, како одговор на напад, а нивната способност да бидат лансирани во водови (сет ракети испукани истовремено) го намалува времето на предупредување и му отежнува на непријателот да преземе превентивни мерки. Иран ја користеше таа тактика во 2020 година како одговор на атентатот врз генералот Касем Солејмани.
„Ракетни градови“
Ракетите со среден дострел, како што се Шахаб-3, Хорамшахер и Сајџил, се наменети за напади со долг дострел.
Моделите со најдолг дострел теоретски можат да достигнат околу 3.000 километри, но Техеран тврди дека се придржува до самонаметната граница од 2.000 километри. Ова, според иранските претставници, е доволно за да стигнат до Израел, но западните аналитичари предупредуваат дека ова ограничување може да биде укинато во секое време.
Американските проценки велат дека Иран има околу 14 различни видови балистички ракети.
Најамбициозниот проект е хиперсоничниот проектил Фатах-2, со дострел од околу 1.400 километри и брзина до 15 пати поголема од звукот. Техеран тврди дека може да пробие модерни противвоздушни системи, но западните разузнавачки служби остануваат поделени во врска со вистинските можности на оружјето.
Крстосувачките ракети летаат ниско, се прилагодуваат на теренот и се потешки за откривање, особено кога се лансирани со беспилотни летала или балистички водови дизајнирани да ја заситат одбраната. Меѓу попознатите системи е „Соумар“, развиен врз основа на руската ракета Х-55, со дострел до 2.500 километри.
Во последниве години, Иран изгради мрежа од подземни бази, таканаречени ракетни градови, закопани длабоко во планините, наводно до 500 метри под површината.
Целта е да се заштитат ракетите и мобилните лансери од воздушни напади.
„Доколку Израел и САД успеат да ги оштетат влезовите и излезите на тие подземни градови или отворите низ кои се лансираат ракети, тие ракетни градови би станале гробници. Ракетите потоа не би можеле да полетаат, ниту камионите поставени на мобилните лансери би можеле да ги напуштат објектите“, објасни воениот аналитичар Гилермо Пулидо за „Ел Паис“.
За САД и Израел, сега ќе биде клучно колку брзо и ефикасно ќе ги таргетираат тие ракетни градови.
Покрај напаѓањето, тие мора да се фокусираат и на одбраната на своите воени бази и амбасади во регионот.
Камикази беспилотните летала, вклучувајќи го и моделот Шахед-136, кои веќе се покажаа како клучни во војната во Украина, претставуваат посебен проблем за нив. Станува збор за авиони наменети за еднократен напад, кои носат боева глава и експлодираат за време на ударот.
Тие се евтини и лесни за производство, а лансирањето во бранови може да ги преоптовари дури и најсовремените противвоздушни системи. Токму затоа нивното соборување со скапи пресретнувачи, како што е системот „Патриот“, претставува финансиски и логистички предизвик за нападнатите земји.
Асиметрично војување
Во текот на изминатите две децении, иранскиот режим го зајакна дострелот, прецизноста и деструктивната моќ на своите балистички ракети. Сепак, не е познато точно колку од нив моментално има, бидејќи значаен дел од арсеналот беше искористен или уништен за време на 12-дневната војна во јуни минатата година.
Израелските власти тврдат дека арсеналот на балистички ракети на Иран бил преполовен во тоа време, но последователните сателитски снимки покажаа дека Техеран во голема мера успеал да ги обнови своите капацитети.
Најголемата предност на Иран е асиметричното, неконвенционално војување, дизајнирано да се спротивстави на технолошки супериорните противници како што се САД и Израел. Прашањето, сепак, е колку долго Иран ќе може да издржи вакви контранапади без поддршка од своите посредници. Досега, само Хезболах се приклучи.
Иран нема ракетен капацитет да стигне до САД.
Според проценките на американските разузнавачки служби, Техеран не би можел да развива вакви ракети пред 2035 година, но дури и тогаш само ако успее да продолжи да ги развива своите капацитети со исто темпо како сега.
САД се воено супериорни, а аналитичарите проценуваат дека околу десет проценти од достапните американски воздухопловни сили моментално се наоѓаат во регионот.
Доналд Трамп рече дека САД имаат „практично неограничени залихи“ на муниција и дека САД и Израел можат да го одржат истото темпо на операции четири до пет недели.
Сепак, воените претставници предупредија неколку дена пред нападот за недостиг на муниција и ресурси за операции од големи размери во регионот, зголемувајќи ја можноста Пентагон да мора да ги искористи залихите резервирани за други потенцијални конфликти низ целиот свет.
Генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на вооружените сили, откри дека САД ќе испратат повеќе војници и борбени авиони во регионот во наредните денови.
Дополнителен предизвик за Вашингтон е воздржаноста на регионалните сојузници. Арапските држави повикуваат на брз крај на конфликтот, бидејќи нивните залихи од противвоздушни ракети брзо се исцрпуваат.
Аналитичарот Малколм Дејвис од Австралискиот институт за стратешка политика проценува дека ако конфликтот трае неколку недели, тој би можел да стане трка помеѓу напад и одбрана. Ако Иран успее да ги зачува залихите на ракети, САД и Израел би можеле да се соочат со осиромашување на пресретнувачите.
„На крајот на краиштата, Иран може да ги исцрпи тие одбранбени капацитети, а потоа ќе се остварат сè повеќе напади“, предупредува Дејвис.
Аналитичарот Мајкл Шубриџ додава дека стратегијата на Иран би можела да биде да го апсорбира почетниот шок, да ја ослаби одбраната на противникот, а потоа да продолжи да врши притисок, под услов режимот да процени дека продолжен, исцрпувачки конфликт е во негова корист.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата