logo
logo
logo

Балтичките држави се повлекуваат од Отавската конвенција за противпешадиски мини

Vecer | 28.06.2025

Балтичките држави се повлекуваат од Отавската конвенција за противпешадиски мини

Естонија, Летонија и Литванија го информираа Обединетите нации за својата одлука да се повлечат од Отавската конвенција со која се забранува користење на противпешадиски мини, објавија министерствата за надворешни работи на овие земји.

Трите балтички земји, кои имаат заедничка граница со Русија и се членки на Европската унија и НАТО, поднесоа официјална изјава што ќе стапи на сила шест месеци откако ќе биде примена.

Со оваа одлука испраќаме јасна порака: нашите земји се подготвени и можат да ги употребат сите потребни мерки за одбрана на сопствената територија и слобода, стои во изјавата.

Отавската конвенција, потпишана во 1997 година од повеќе од 160 држави, предвидува целосна забрана за употреба, складирање, производство и транспорт на сите видови противпешадиски мини, кои се сметаат за особено опасно и нехумано оружје. Русија, САД и Кина не се потписнички на овој договор.

Владите и парламентите на трите земји претходно ја донесоа оваа одлука, следејќи заедничка препорака на министрите за одбрана и заложбите на Полска, како и Финска, која им се приклучи.

Одлуката за напуштање на конвенцијата произлегува од зголемената закана од Русија, особено во контекст на војната во Украина, која балтичките држави ја перцепираат како директен ризик за нивната безбедност. Земјите наведуваат дека овој потег ќе ја засили нивната одбранбена подготвеност и ќе овозможи поголема флексибилност на војската.

Претставници на хуманитарни организации и повеќе добитници на Нобелова награда ја осудија одлуката на балтичките влади и ги повикаа да го поддржат договорот. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, исто така, изрази загриженост. Сепак, властите на балтичките држави истакнаа дека и по излегувањето од конвенцијата ќе ги почитуваат стандардите на меѓународното хуманитарно право и ќе ја гарантираат заштитата на цивилното население.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk