Азербејџан подготвува документација за покренување постапка пред меѓународните судови против Русија за падот на патничкиот авион на „Азербејџан ерлајнс“ што се урна во близина на казахстанскиот град Актау во декември минатата година, изјави азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.
„Генералниот обвинител на Азербејџан испраќа официјални барања до Рускиот истражен комитет, но добиваме само формален одговор - „истрагата е во тек“. Таквиот пристап е контрапродуктивен. Азербејџан ќе се жали до меѓународните судски институции. Истрагата за падот на малезискиот Боинг траеше повеќе од 10 години и ние сме подготвени да чекаме колку што е потребно“, рече Алиев.
Баку, меѓу другото, бара отштета за семејствата на загинатите и повредените во трагедијата, објави РИА Новости.
Патнички авион „Ембраер 190“ управуван од „Азербејџан ерлајнс“, кој леташе од Баку до Грозни, се урна на 25 декември во близина на Актау, во западен Казахстан.
Azerbaijan Airlines passenger plane flying from Baku to Grozny crashed in Aktau, Kazakhstan. pic.twitter.com/EnicqHcTGM
— Clash Report (@clashreport) December 25, 2024
Во авионот имало 67 лица, 62 патници и пет члена на екипажот.
38 лица загинаа, а 29 преживеаја, вклучувајќи девет руски државјани.
Министерот за дигитален развој и транспорт на Азербејџан, Рашад Набиев, изјави дека според достапните информации, авионот бил изложен на „надворешно влијание“.
Според изјавите на преживеаните патници и членови на екипажот, тие слушнале звук што личел на експлозија за време на летот над Грозни.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата