Германската влада нема да одобри никаков извоз на воена опрема што би можела да се користи во Појасот Газа до понатамошно известување, изјави канцеларот Фридрих Мерц.
На 8 август, израелскиот кабинет за безбедност одобри план за преземање на контролата врз градот Газа, објави канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Реагирајќи на планот на Израел за проширување на своите воени операции во Газа, Мерц рече дека Германија е „длабоко загрижена“ за континуираното страдање на цивилното население во Појасот Газа.
„Со планираната офанзива, израелската влада носи уште поголема одговорност од претходно за нивното снабдување“, рече Мерц.
Израел, изјави тој, мора да овозможи сеопфатен пристап до средства за помош, вклучително и за организациите на ОН и други невладини институции.
„По точните чекори преземени во последните денови, Израел мора да продолжи сеопфатно и одржливо да ја подобрува хуманитарната ситуација во Газа“, рече германскиот канцелар.
Мерц рече дека германската влада, исто така, го повикува Израел да не презема понатамошни чекори кон анексирање на Западниот Брег.
Нетанјаху претходно изјави дека сака да го преземе целиот Појас Газа - одобрениот план конкретно се фокусира на градот Газа, најголемиот град во енклавата.
Порано, ОН предупреди дека проширувањето на воените операции на Израел ризикува „катастрофални последици“ за палестинските цивили и израелските заложници.
Контроверзната ескалација се соочува со отпор во рамките на Израел - вклучително и од семејствата на заложниците - и веројатно дополнително ќе ја изолира земјата на меѓународно ниво, објавува Би-Би-Си.
Израел ја започна војната во Газа по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1.200 луѓе и беа земени 251 заложник во Газа.
Масовната израелска воена офанзива уби најмалку 61.158 Палестинци од тогаш, според Министерството за здравство во Газа, кое го води Хамас, палестинско движење кое САД и Европската унија го сметаат за терористичко.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата