logo
logo
logo

ЛАЖНИ ОГЛАСИ ИЛИ КРИМИНАЛ? Полицијата ги проверува морничавите објави од „Винтед“ што кружат на социјалните мрежи

Vecer | 26.06.2026

ЛАЖНИ ОГЛАСИ ИЛИ КРИМИНАЛ? Полицијата ги проверува морничавите објави од „Винтед“ што кружат на социјалните мрежи

Социјалните мрежи веќе извесно време се преплавени со скриншотови од необични огласи од Винтед (Vinted), заедно со тврдења дека на таа платформа наводно се продаваат деца, а во последните денови вакви објави се појавија и во Хрватска.

Во објавите најчесто се прикажуваат огласи за кадифени играчки, кукли, фигурини, мебел или детски предмети, често со високи цени и описи во кои се споменуваат возраста, висината или полот.

Полицијата во Германија, како и Винтед ‒ популарна апликација за купување и продавање користени работи ‒ порачуваат дека пријавите ги сфаќаат сериозно, но засега нема потврда дека виралните скриншотови докажуваат трговија со деца. „Tagesschau“ пишува дека полицијата во Дортмунд и другите полициски служби ги проверуваат пријавите, но и ги предупредуваат граѓаните да не шират непроверени снимки и шпекулации.

Како започна теоријата?

Меѓу примерите што се ширеа на социјалните мрежи во Германија беше и оглас со плишана играчка по цена од неколку илјади евра, со опис кој звучеше како опис на дете. На пример: „машко, 10 месеци, 70 см“. Токму тој спој на високи цени и описи кои потсетуваат на опис на личност ги поттикна тврдењата дека станува збор за шифрирани огласи.

Слични скриншотови се споделуваат и во други земји. На нив се гледаат предмети кои сами по себе не се сомнителни, како кадифени кукли, играчки, фигурини или детска облека, но покрај нив стојат необични цени или ознаки како што се возраста и висината. Поради тоа, некои корисници на социјалните мрежи заклучија дека преку Винтед наводно се прикрива трговија со деца.

Сепак, фактот што огласот изгледа необично или вознемирувачки не значи дека е доказ за кривично дело. Ова особено важи за скриншотовите кои се шират без линк до огласот, без комплетниот опис, без профилот на продавачот и без каква било официјална проверка.

Германската полиција: Проверуваме, не ширете непроверени тврдења

Полицијата во Дортмунд покрена проверка откако беше означена во објава на Инстаграм во која беа прикажани такви огласи. Инспекторите порачаа сериозно го сфаќаат случајот и дека проверуваат дали воопшто постои кривично дело, но во исто време ги предупредија граѓаните да не учествуваат во ширењето шпекулации.

Слични проверки спроведуваат и други полициски служби, меѓу кои и полицијата во Берлин и криминалистичката полиција на сојузната покраина Хесен. Канцеларијата во Хесен наведе дека, според досегашните сознанија, многу нешта укажуваат на тоа дека станува збор за лажни огласи.

„Deutschlandfunk Nova“ објави дека германската полиција огласите што кружат на социјалните мрежи засега ги смета за лажни. „FNP“, повикувајќи се на полицијата во Франкфурт, пишува дека полицијата предупредува на разликата меѓу конкретните дојави кои можат да ѝ помогнат на истрагата и масовното споделување непроверени скриншотови, што може дополнително да шири паника.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk