„Ова лажна вест брзо се прошири на социјалните мрежи, дури го вознемири и еден мој африкански колега кој ми испрати порака дека е многу загрижен“, објасни Макрон, пренесува францускиот портал RTL.
Во спорното видео еден новинар објаснува пред Елисејската палата дека во Франција токму се случил воен пуч и дека полковник на француската армија ја презел власта. „Лично, сметам дека тоа е забавно. Проблемот е што оваа лажна информација е прегледана дванаесет милиони пати“, нагласи претседателот на Франција.
Тој потврди дека преку Елисејската палата била контактирана платформата Facebook со барање лажното видео да биде отстрането.
„Ни беше кажано дека видеото не ги крши нивните кориснички услови и дека барањето што го упативме, иако доаѓа од претседател на држава, не може да биде прифатено. Тие луѓе му се потсмеваат на правото на јавна дебата и на суверенитетот на демократијата. Нè доведуваат во опасност“, изјави Макрон.
Кога беше прашан за влијанието и моќта на технолошките гиганти како Google, Amazon, Apple и Microsoft, како и за странското мешање во онлајн-светот, претседателот Макрон ја обвини Русија, наведувајќи дека таа земја „купува милиони лажни профили од платформи кои се наоѓаат во Соединетите Американски Држави или во Кина“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата