Прелиминарните податоци укажуваат дека Русија започнала напад врз селото Радушне во регионот Дњепропетровск со балистичка ракета од Северна Кореја, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Русите користеле ракета од Северна Кореја за прв пат по долго време, според прелиминарните податоци. Секако, ќе следат дополнителни анализи и сè ќе биде проверено, но во моментов сè укажува на фактот дека станува збор за севернокорејска балистичка ракета“, рече тој во обраќање на каналот Телеграм.
Зеленски, исто така, истакна дека денес, по рускиот напад, работата за санација на последиците продолжила во различни градови на Украина.
Тој додаде дека во Лавов се отстрануваат урнатините и се бараат луѓе.
„Европските земји, исто така, силно реагираа поради руската ракета што влезе во полскиот воздушен простор и експлодираше на поле во близина на Лублин. Најважно е не само сочувство или само осуда, туку обезбедување ракети за воздушна одбрана и вршење токму таков притисок врз Русија што може да ја запре оваа бесмислена руска војна, како и сите нивни напади и терор“, рече Зеленски.
Според него, војната можеше да заврши одамна, но, како што изјави, лидерот на Кремљ, Владимир Путин, не го сака тоа.
Зеленски нагласи дека само единството со светот, соработката и способноста на Украина да ја брани земјата, која сега е во петтата година од целосна војна, се неопходни за заштита на животот.
„Ракетите за воздушна одбрана, пред сè „Патриот“, но и „Насамс“, „Ирис“, „Хок“ и нашите други системи, се клучен приоритет. Искрено се надевам дека сите партнери, а пред сè нашите американски партнери и пријатели во Европа, ќе разберат дека вистинските човечки животи зависат од тоа дали ќе ѝ помогнат на Украина“, рече тој.
Во Криво Рог, 31 јули беше прогласен за ден на жалост за загинатите во рускиот ракетен напад врз селото Радушно, објави Укринформ.
Во тој руски напад, најмалку шест члена на едно семејство од тоа село ги загубија животите, потсети украинската агенција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата