За народ чиј прекар е птица што не лета, заминувањето во странство иронично стана своевиден обред на созревање. Во последниве години бројот на Кивијци што го напуштаат Нов Зеланд достигна рекордни нивоа, а повеќето се селат во соседна Австралија.
Поранешната премиерка Џасинда Ардерн е последната во низата познати личности што му се приклучија на тој егзодус. Нејзиниот кабинет минатата недела потврди дека таа и нејзиното семејство се преселиле во Сиднеј, откако биле забележани како бараат куќа во богатиот северен дел на градот. Нејзиното преселување повторно го насочи вниманието кон борбата на Нов Зеланд да ги задржи своите најталентирани жители во време кога земјата се соочува со забавување на економијата, криза со трошоците за живот и недостиг од станови, пишува Би-би-си.
„Преселувањето на Ардерн веројатно ќе се смета за симбол на овој поширок тренд. За некои тоа ќе изгледа како дезертерство“, изјави за Би-би-си Алан Гамлен, директор на миграцискиот центар на Австралискиот национален универзитет.
Минатата година повеќе од 66.000 Кивијци ги спакуваа куферите и се иселија – што е еднакво на 180 луѓе дневно. Овој одлив делумно е ублажен со враќањето на Новозеланѓани, но за нација од само 5,3 милиони жители, загубата на толкав број граѓани е значајна. Нов Зеланд е релативно безбедна земја, глобално позната по своите впечатливи пејзажи, а жителите уживаат висок животен век. Па што тогаш ги тера толку многу луѓе да заминат?
Што ги тера луѓето да си одат?
Заминувањето во странство, особено кај младите, е долгорочен тренд. Многумина сакаат да стекнат искуство во странство пред да се вратат и да основаат семејство. Уште од 1970-тите, кога Велика Британија ги раскина трговските договори што ја поддржуваа новозеландската економија, а Австралија ги ублажи ограничувањата за работа и патување, иселувањето повремено растеше. Но, вели Гамлен, „трендот повторно значително се засили во последните пет години“.
Сѐ повеќе млади Новозеланѓани се одлучуваат на трајно преселување, неволно враќајќи се во земја за која сметаат дека повеќе не им нуди просперитетна иднина. Државата се соочува со висока невработеност, каква што не е видена со децении (надвор од пандемијата), а растот на платите не ја следи инфлацијата. Тоа доведе до драстичен пораст на трошоците за живот. Цените на намирниците, на пример, се меѓу највисоките во развиениот свет. Намалената достапност на домување дополнително ги оптовари семејните буџети, бидејќи недостигот од домови ги зголеми и кириите и цените на недвижностите. Присутни се и големи нееднаквости во здравството и образованието.
Австралија нуди подобра иднина
Пред десет години, 27-годишната Никол Балантајн ги замени источните предградија на Окленд со оние во Сиднеј. Првично била привлечена од подобрите можности за студирање, но денес тешко може да замисли живот дома.
„Сиднеј е подобра верзија на Окленд“, изјави таа за Би-би-си. „Таму има многу повеќе случувања, можностите за кариера се навистина добри, а градот е и подобро поврзан со остатокот од светот.“ Во меѓувреме се преселил и нејзиниот брат, а никој од нејзината блиска група пријатели од средно училиште не останал на Нов Зеланд.
Иако Велика Британија и САД се популарни дестинации, се проценува дека половина од новозеландските иселеници се селат во Австралија, каде повеќе од половина век уживаат речиси еднакви работни права. Иако и таму времињата се тешки, Австралија нуди подобри изгледи за работа, плата и домување.
Политичарите загрижени поради егзодусот
Егзодусот предизвикува загриженост меѓу новозеландските политичари. Опозициската пратеничка Џини Андерсон неодамна изјави дека нејзиниот најстар син се преселил во Мелбурн затоа што не можел да најде работа дома, а нејзиниот брат – квалификуван наставник – сега работи во Кина поради повисоки плати.
Додека земјата се подготвува за општи избори во ноември, политичарите се обидуваат да ги убедат гласачите дека имаат решенија – од намалување на имиграцијата до зголемени инвестиции во домување.
Некои експерти истакнуваат дека иселувањето не е целосно негативно. Оние што се враќаат ја збогатуваат земјата со нови искуства и можат да поттикнат иновации. „Секое заминување создава нови врски и ја шири мрежата“, изјави Мерин Таваи од Биоинженерскиот институт во Окленд.
Ардерн привремено во Сиднеј
Ардерн го напушти Нов Зеланд кратко по повлекувањето од политиката во јануари 2023 година и преземањето стипендија на Универзитетот Харвард. Нејзиниот кабинет соопшти дека семејството во последните години често патувало и дека сега одлучиле привремено да се сместат во Австралија.
„Таму имаат деловни обврски, што како дополнителна предност носи и повеќе време што можат да го поминуваат дома, на Нов Зеланд“, изјави портпарол за локалните медиуми.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата