Соработката во областа на одбранбената индустрија и енергетиката беа главни теми на средбата меѓу турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Истанбул.
Покрај средбата на двајцата лидери во палатата „Долмабахче“, беше одржана и првата средба во рамките на Консултативниот механизам меѓу двете држави, при што одбраната и безбедноста повторно беа во фокусот.
– Го гледаме и влијанието врз економијата на заедничките проекти што ги реализиравме во областа на одбранбената индустрија. Земајќи ги предвид променливите безбедносни услови во Европа, разговараме за заеднички производствени проекти што ќе го подигнат нашето партнерство во одбранбената индустрија на уште повисоко ниво. Темите поврзани со енергетиката и транспортот, кои ги дефинираме како стратешки, исто така беа меѓу оние што излегоа во преден план, изјави Ердоган за време на заедничката изјава со Орбан, која беше емитувана во живо на социјалните мрежи.
Орбан, исто така, истакна дека Унгарија е многу охрабрена од соработката со Турција во областа на одбранбената индустрија. Тој ги дефинираше овие односи како отворање на нова страница.
– Одбранбената индустрија станува уште поважна, а мостот меѓу двете земји во оваа област е веќе создаден, изјави унгарскиот премиер.
Ердоган и Орбан си поставија нова цел за трговска размена од 10 милијарди долари. Двајцата се обединија околу ставот дека мора да се постигне мир меѓу Русија и Украина преку дипломатски напори.
Ердоган изрази уверување дека Унгарија ќе продолжи да ја поддржува стратешката цел на Турција за полноправно членство во Европската Унија, а Орбан изјави дека унгарскиот народ се чувствува сам во Европската Унија, бидејќи не припаѓа ниту на германската, ниту на словенската, ниту на латинската култура. Затоа, според него, врските со Анкара се уште поважни за Будимпешта.
– Кога го гледам светот околу Унгарија, навистина го гледам турскиот свет како оној дел од него што вложува напори, излегува во преден план и добива сила. Силните културни корени се исто така дел од тоа. Сакам да ја искористам оваа можност и овие предности, изјави Орбан во контекст на учеството на земјата на состаноците во рамките на Организацијата на турските држави.
Унгарија е единствената земја членка на Европската Унија што присуствува на овие состаноци.
Орбан ѝ се заблагодари на Турција за нејзините напори во борбата против нелегалната миграција.
– Ако Турција не ја заштитеше Европската Унија, особено од источната страна, каде што е Унгарија, животот во Европа ќе станеше неподнослив. Ќе пливавме во море од нелегална имиграција, изјави Орбан.
Унгарскиот премиер коментираше и прашања поврзани со енергетиката.
– Како што знаете, Унгарија се спогоди со Русија за рускиот нафта и гас. Русија ќе продолжи да ни доставува нафта и гас, бидејќи немаме можност да користиме друг извор. Разговаравме со Ердоган и за транзитот. Во таа насока, сакам уште еднаш да му заблагодарам што ни го гарантира тоа. Оваа гаранција е многу важна и неопходна. Во текот на оваа година, 7,5 милијарди кубни метри гас беа испорачани во Унгарија преку врската низ Турција, изјави Орбан.
Турција и Унгарија потпишаа вкупно 16 спогодби во Истанбул. Тие се во областа на енергетиката, трговијата, иновациите, одбранбените технологии, инвестициите во областа на иновациите, културата и образованието, спогодба за аеродромски услуги, создавање стипендиска програма, заедничка група за планирање и борба против трговијата со културни добра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата