Екстремниот и незапамтен топлотен бран кој со денови беснее низ Европа почна ладнокрвно да одзема човечки животи, а ситуацијата во Франција веќе поприма катастрофални размери. Францускиот премиер Себастиен Лекорну денеска итно соопшти дека за само неколку дена најмалку 40 луѓе, главно млади, се удавиле во реките и каналите ширум земјата, очајнички обидувајќи се да најдат спас и разладување од рекордните горештини. Метеоролошките служби прогласија црвен аларм во дури 54 департмани, дефинирајќи ја состојбата како нешто „без преседан“ во историјата, со температури кои уриваат рекорди стари речиси 80 години и достигнуваат дури 43 степени Целзиусови.
Истовремено, земјата е завиена во црно по две незамисливи трагедии. Во југоисточна Франција, мајка ги пронашла своите две дечиња на возраст од 2 и 4 години во несвесна состојба во семејниот автомобил паркиран пред нивниот дом – за жал, брзата помош не успеала да ги реанимира. Во регионот на Бордо, пак, три постари лица починаа како директна последица од здравствени компликации предизвикани од ненормалните горештини. Француската министерка за спорт, Марина Ферари, испрати драматично предупредување до граѓаните веднаш да престанат со пливање во неовластени и опасни подрачја, нагласувајќи дека нагонот за разладување не смее да ги чини живот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата