logo
logo
logo

ЗАПЛЕНЕТ ЕДЕН ОД НАЈРЕТКИТЕ МОДЕЛИ НА ФЕРАРИ - Голема акција во Лондон

Vecer | 10.08.2026

ЗАПЛЕНЕТ ЕДЕН ОД НАЈРЕТКИТЕ МОДЕЛИ НА ФЕРАРИ - Голема акција во Лондон

Ултра реткиот модел Ferrari Monza SP2, чија вредност се проценува на дури 3,7 милиони фунти (околу 4,3 милиони евра), е запленет викендов во Лондон за време на голема акција против несовесните возачи. Институциите во луксузните квартови Кенсингтон, Челси и Хајд Парк конфискуваа вкупно 90 луксузни возила, чија вкупна вредност надминува девет милиони евра, пренесува „Би-би-си“.

Запленет по помалку од половина час возење

Моделот Ferrari Monza SP2, кој е произведен во ексклузивна серија од само 499 примероци во светот, бил внесен во Велика Британија само еден ден пред полицијата да го запре. Според полициските информации, возачот успеал да го вози автомобилот помалку од триесет минути пред да биде исклучен од сообраќај.

При контролата било утврдено дека возачот поседувал само привремена возачка дозвола и немал соодветно осигурување за автомобилот. Инаку, ист таков модел претходно годинава беше продаден на аукција за 3,7 милиони фунти.

Остар одговор на дивиот сообраќај

Полицијата одзела 15 возила директно на лице место, користејќи ги законските овластувања за итно конфискување без претходно предупредување доколку со возењето се нарушува јавниот ред и безбедноста.

„Редовно добиваме поплаки од граѓаните за опасно возење и нелегални преправки на автомобилите кои го нарушуваат мирот во соседството“, изјави главниот инспектор Џеф Татман, кој раководеше со операцијата, додавајќи дека целта е да се зголеми безбедноста на патиштата.

Бројни апсења за време на акцијата

За време на оваа обемна сообраќајна акција, Лондонската метрополитен полиција изврши и низа други апсења:

  • Еден маж е уапсен за прикривање украдена стока и перење пари откако кај него биле пронајдени 19 туѓи банкарски картички и над 2.500 фунти во готовина.
  • Запрен возач без осигурување бил уапсен за поседување дрога со намера за продажба.
  • Уште две лица биле приведени — едното за нарушување на јавниот ред, а другото за кршење на имиграциските прописи.

Од Метрополитен полицијата соопштија дека ова е најголема заплени на луксузни возила во последните пет години, земајќи го предвид нивниот вкупен број и астрономската вредност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk