logo
logo
logo

ОД ТЕПАЧКА ДО ФИЛМСКА ПОТЕРА: Драма во неколку чинови на преполниот Тајмс Сквер

Vecer | 19.06.2026

ОД ТЕПАЧКА ДО ФИЛМСКА ПОТЕРА: Драма во неколку чинови на преполниот Тајмс Сквер

Права драма се случуваше во четвртокот попладне на преполниот Тајмс Сквер во Њујорк. По масовна тепачка среде бел ден, оддекнаа истрели кои натераа стотици туристи и минувачи во панично бегство. Набрзо по настанот, полицијата уапси еден тинејџер, додека по останатите учесници сè уште се трага, пишува АБЦ (ABC).

Сè започнало околу 15:40 часот на аголот помеѓу 44-тата улица и Бродвеј. Според полициските извештаи и снимките од надзорните камери, помлад маж, најверојатно тинејџер, извадил огнено оружје и почнал да пука. Иако за среќа никој не е погоден, самиот звук од истрелите и глетката на вооружениот напаѓач предизвикаа стампедо на еден од најпознатите светски плоштади.

– Не видов многу, но бев веднаш зад аголот кога се слушна пукањето. Погледнав во мобилниот и веднаш видов известување дека дошло до пукање во близина на Тајмс Сквер – изјави сведокот Хосе Риос.

Филмска потера и второ пукање

По пукањето, напаѓачот почнал да бега кон југ. Во целосниот хаос, тој буквално налетал на еден полицаец, го соборил, а потоа продолжил да трча додека полицијата му била зад петици.

Но, тука не бил крајот на драмата. Додека полицијата ги приведувала првите осомничени, само неколку улици подалеку, на аголот од 45-тата улица и Осмата авенија, дошло до второ пукање. Исплашените луѓе бегале со глава на раменици, криејќи се во блиските продавници и сувенирници. Вработените во една продавница раскажаа дека им помагале на луѓето кои во општото стампедо паѓале по подот.

„Ова е лудо, тука има многу туристи“

Покрај паниката поради оружјето, во масовната тепачка која претходела на сè, тешко е повреден 26-годишен маж. Полицијата го пронашла со убодна рана на вратот и тој итно бил пренесен во болница, но се очекува да преживее.

– Ова е лудо. Навистина не очекуваш вакво нешто да се случи во овој дел од градот. Особено затоа што тука секогаш има огромен број туристи – изјави Абдул, кој работи во близина.

Полициските сили веднаш го блокираа целото подрачје, чешлајќи го теренот во потрага по чаури и докази. Иако еден тинејџер е во притвор, полицијата сè уште утврдува дали токму тој е лицето од снимките кое отворило оган и загрозило стотици животи. Истрагата за мотивите на оваа брутална пресметка продолжува, заклучува АБЦ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk