Компанијата „Еуроклеар“, со седиште во Брисел, поседува околу 185 милијарди евра замрзнати руски државни средства од вкупно 210 милијарди евра блокирани во ЕУ од почетокот на конфликтот меѓу Русија и Украина во февруари 2022 година.
Европските влади би можеле да се соочат со години зголемување на трошоците за задолжување ако ЕУ продолжи со планот за користење на замрзнатите руски средства како колатерал за заем за Украина до 140 милијарди евра, предупреди најголемиот европски депозитар за хартии од вредност, „Еуроклеар“, објави „Вечерњи лист“.
Во доверливо писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, до кое дојде „Фајненшл тајмс“, извршниот директор на „Еуроклеар“, Валери Урбен, изјави дека инвеститорите, особено суверените фондови за богатство и централните банки, би го сметале таквиот потег како „де факто конфискација“ на резервите на централните банки.
„Ова би го поткопало владеењето на правото и би довело до трајно зголемување на премијата за ризик на европските државни обврзници. Резултатот би биле повисоки трошоци за задолжување за сите земји-членки“, се наведува во писмото.
„Евроклеар“, со седиште во Брисел, држи околу 185 милијарди евра замрзнати руски државни средства од вкупно 210 милијарди евра блокирани во ЕУ по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Досега се искористени само профитите од овие средства (околу 3-5 милијарди евра годишно), но новиот план предвидува самата главница да се користи како колатерал за голем „кредит за репарација“ за Киев.
Урбен предупредува дека Русија би го сметала принудувањето на „Евроклеар“ да купи специјални инструменти за долг со нула камата како целосна конфискација, што би отворило врата за одмазда и тужби. Затоа, „Евроклеар“ бара безусловни државни гаранции со кои сите земји-членки на ЕУ заеднички би ги покриле потенцијалните загуби, вклучувајќи ги судските трошоци, руските контрамерки и ризиците од ликвидност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата