Народниот суд во градот Хо Ши Мин, на југозападот од Виетнам, осуди на смрт 11 лица, во еден од најголемите случаи против криумчарење дрога во таа земја.
Истрагата во тој случај се водеше против вкупно 227 обвинети, а беше покрената откако во март 2023 година беа пронајдени повеќе од десет килограми дрога во 157 туби паста за заби. Нив ги носеле четири стјуардеси на „Виетнам ерлајнс“, кои пристигнале од Париз на аеродромот „Тан Сон Нјат“ во Хо Ши Мин, пренесува Ројтерс.
Властите подоцна утврдија дека жените несвесно пренесувале дрога, а истражителите потоа открија транснационална мрежа за трговија која криумчарела наркотици маскирани во стока за широка потрошувачка од Франција во Виетнам.
Обвинителите соопштија дека членовите на мрежата користеле шифрирани платформи за размена на пораки, банкарски сметки кои биле регистрирани на туѓи имиња и служби за достава, за да дистрибуираат дрога низ јужниот дел на Виетнам.
Најмалку 20 други обвинети во тој случај се осудени на доживотен затвор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата