logo
logo
logo

Подгответе се за војна - РОКОТ Е ОДРЕДЕН

Vecer | 12.07.2025

Подгответе се за војна - РОКОТ Е ОДРЕДЕН

Велика Британија мора сериозно да се подготви за можна војна со Русија до 2030 година, вклучително и изградба на нуклеарни засолништа и инвестиции во воздушна одбрана, предупреди поранешниот началник на британската армија, генерал Патрик Сандерс.

Во интервју за Телеграф, Сандерс рече дека конфликтот со Москва е „реална можност“ и дека британската влада мора да преземе итни чекори за да ја зголеми отпорноста на нацијата во случај на вооружен конфликт.

Крајно време е да се препознае сериозноста на заканата

„Ако Русија престане да води војна во Украина, во рок од неколку месеци може да има капацитет за ограничен напад врз една од членките на НАТО, за чија одбрана ќе бидеме одговорни“, рече Сандерс, додавајќи дека е „крајно време“ владата да ја препознае сериозноста на заканата.

Сандерс го критикуваше долгогодишното одбивање на владата да инвестира во цивилна заштита, вклучително и подземни бункери и командни центри, велејќи дека слични модели, како оној во Финска, се пример што Велика Британија треба да го следи.

Тој предупреди дека британската армија е премногу мала за да издржи продолжен интензивен конфликт, наведувајќи дека сегашните сили ќе преживеат само „неколку месеци активен ангажман“.

Тој, исто така, оцени дека резервата е премногу скромна за да ги компензира недостатоците на активните сили.

Сандерс нагласи дека Русија останува најголема безбедносна закана за Велика Британија, поради нејзината способност да влијае на меѓународната безбедност, вклучувајќи ги сајбер нападите, саботажите и дестабилизацијата на европските држави.

„Постои долга историја на непријателство меѓу Русија и Обединетото Кралство. Ние не сме најсилниот играч, но сме добри во поставувањето пример и предизвикувањето меѓународен одговор“, рече генералот.

Можни точки на руски напади

Зборувајќи за можните точки на руски напади, тој ги спомена балтичките држави, особено естонскиот град Нарва, како и стратешки „ранливите“ места како што се Сувалскиот Залив и норвешкиот остров Свалбард.

Иако не предвидува голема војна низ Европа како оние од ерата на Студената војна, Сандерс нагласи дека Москва би можела да се обиде да ги врати елементите од поранешниот советски простор, што автоматски би го вклучило НАТО преку активирање на Член 5.

Сандерс, кој сега води подкаст и консултантска фирма, наскоро планира патување во Украина, велејќи дека чувствува лична одговорност да продолжи да ја предупредува јавноста и владата за заканите што ги смета за неизбежни.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk